“Кои птици отидоа на југ, а кои останаа во нашиот град” – Насочен разговор

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Кои птици отидоа на југ, а кои останаа во нашиот град – Насочен разговор

Цели на активноста:

-Запознавање со разни видови на птици;
-Развивање на внимание, перцепција и истрајност;
-Поттикнување на интересот на детето за откривање на нови нешта;
-Да се поддржува индивидуалниот пристап кон откривање и учење на нови работи;
-Да се поддржува во обидите да изгради, создаде нешто ново, при користење на различни играчки, материјали и предмети.

Потребен материјал: слики од разни птици, аудио снимка со звуци од  птици, картон, боички, ножички, храна за птици, лушпа од јајце, сламки, глина, гранчиња, памук, волница, лепак.

Тек на активноста

Светот на животните секогаш е непресушен извор на интерес за децата. Децата ги сакаат животните, се радуваат на нив, се грижат за нив. И животните се раѓаат, растат и умираат. Тие дишат, се хранат и спијат исто како и луѓето. Токму поради овие особини потребно е кон нив да се однесуваме со почит, да се грижиме за нив и да го заштитуваме нивниот животински свет. Животните се распространети насекаде на земјината топка. Нив ги има на копното, во водата, во воздухот. Од животинскиот свет ќе се задржиме денес на птиците.

Пред детето демонстрирајте слики од разни птици: врапчиња, ластовички, штркови, папагали, гулаби, шатки. Разговарајте со детето за деловите на телото на секоја птица. Детето нека ги препознава!

Разговарајте за птиците што останаа кај нас. Разговарајте за врапчето, ластовичката и штркот. Раскажете му на детето што се случува со некои птици, кога ќе залади времето кај нас. Дел од птиците (ластовичките, штркот) заминуваат на југ, во топлите краишта, затоа што ако останат кај нас нема да ја преживеат студената зима. Тие заминуваат во јата, сите заедно. Но дел од птиците остануваат кај нас (врапчето, гулабот, клукајдрвецот, бувот…).

Бидејки наближува студено време, можете од картон да изработите куќичка – за птиците што остануваат кај нас и да му дадете на детето да ја избои (украси). Потоа закачете ја на најблиското дрво и ставете храна (пченица, просо, трошки леб…), за да дојде некоја птица, да се нахрани и стопли.

Имитирајте летање на птици! Организирајте “Птици во гнездо”. Во вашиот дом или во дворот, одбележете кругови, кои се куќички-гнезда на врапчињата (со креда или обрачи). Членовите од семејството се “врапчиња” и слободно си “летаат”. На зборовите “Иде мачката” сите “врапчиња” трчаат кон своите гнезда и со скок влегуваат во гнездото. Потоа “врапчињата” во скок излегуваат од гнездата и слободно летаат.

Понудете: глина, сламки, гранчиња. Заедно моделирајте “Гнезда за птиците”. Вашата изработка поставете ја на вашата тераса. Можеби ќе послужи на некоја птица.

Понудете: памук, тенок картон во боја, волница, лушпи од јајца, лепак. На картонот нацртајте делови од птица: клун, нозе, крила. Заедно исечете ги деловите. Направете изработка “Од каде излегува пилето”.

На аудио снимка, емитувајте звуци на неколку птици!

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа