Како работат бубрезите? – Насочен разговор и истражувачка игра

Возрасна група: 4 – 6 год

Наслов на активноста: Како работат бубрезите? – Насочен разговор и истражувачка игра

Цел на активноста

*да се запознае со работата на бубрезите и нивната улога во човечкиот организам
*да се поддржува на свој начин да ги пренесе своите решенија, мислења, искуства, заклучоци и сл.
*да се развива способноста за искористување на играта и игровните активности во функција на учење и откривање

Потребен материјал: детска енциклопедија, картон, пластично шише, цевчиња, темперни бои, лепак

Тек на активноста

Секое дете сака да истражува и осознава за своето тело. На помала возраст се запознава со својот надворешен изглед, но во подоцнежниот развој, сака да дознае нешто повеќе. За таа цел, застанете заедно пред огледало и поттикнете го своето дете да ги посочи деловите од своето тело: глава, тело, раце, нозе. Сигурно знае да покаже и каде се наоѓаат срцето или белите дробови. Потоа прашајте го дали знае каде се неговите бубрези? Доколку не знае, поставете му ги рачињата на задниот дел, на обете страни од   ҆рбетот, во висина на појасот. Таму се сместени два органа, кои личат на големи зрна грав. Сега, запознајте се подобро со работата и улогата на бубрезите во човековото тело. Можете да ги искористите приложените слики или некоја енциклопедија од домашната библиотека.

На човечкото тело не му треба само храна, туку и вода. Од сета храна и течности што се внесуваат, организмот ги задржува добрите материи, а непотребните и штетни материи ги исфрла. Бубрезите го регулираат количеството на вода и на другите материи во крвта. Тие се поврзани со главната артерија – аорта и со долната шуплива вена. Преку капиларите крвта навлегува во бубрезите и тука се прочистува, односно филтрира. Штетните материи се собираат во еден „резервоар“ – мочен меур, кој е во вид на топка и се претвараат во моч. Мочниот меур е поврзан со секој бубрег преку тенка цевка, позната како мочовод. Кога ќе се наполни, тој се празни преку мочниот канал и на тој начин телото се ослободува од штетните материи.

За сето ова подобро да го разбере, изработете модел на уринарен тракт – како во примерот подолу и поттикнете го Вашето дете да истражува, визуелно да го долови моментот како течностите се движат, навлегуваат во бубрезите и на крај се исфрлаат.

Потоа предложете му да ги изработи бубрезите од пластелин или пак на контура од човек, да ги нацрта на соодветното место.

Подготвил: ВоспитувачСашка Михајлова