Есенска преселба-Драмски текст 

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност: Есенска преселба-Драмски текст

Цел на активноста:

– да се оспособува детето за слушање и разбирање на приказни и други текстови кои ги чита возрасен
– збогатување на детскиот речник со нови изрази и зборови
– да се развива способност за раскажување и изразување со куси целосни реченици
– да се поттикнува способност за поставување на прашања

Потребен материјал: слики од птици, дрвени боички, лист од блок..

Тек на активност

Активноста со вашето дете започнете ја со разговор за годишното време есен и за промените во природата, како и за заминувањето на птиците преселници во топлите краишта.

Потоа прочитајте го драмскиот текст:

     ЕСЕНСКА ПРЕСЕЛБА

Детето тажно стоеше крај прозорецот и мавташе со рака кон последното јато ластовички.

Сите одлетавте!… среќен нека ви биде патот! И на пролет здрави и живи да ми се вратите пак…

-А ти до тогаш чувај ги гнездата под стреите – го молеше на заминување една ластовичка.

-Ќе ви ја чувам – вети детето. Но зар моравте сите да заминете: најпрво го снема гласот на кукавицата, ја снема милата и весела песна на славејчето.

-Што да правиме…зимата не можеме да ја преживееме во родниот крај – му рече ластовичката.

-Празно е гнездото од штркот, а сега заминуваш и ти. Гнездото под мојата стреа ќе остане празно…уште повеќе се растажи детето.

-Морам, ајде остани ти со здравје! Да не ми замине јатото. Далечен пат е пред нас..тажно одговори ластовичката.

-Среќен пат, среќен лет – продолжи да мавта детето – но сега ќе бидам многу осамен.

-Џив, џив! Не си сам! – се навреди врапчето. Ние ќе бидеме со тебе. Внимавај преку зимата да не умреме од глад.

-Гу, гу, гууу – се јави и гугутката. Заедно со мојот сосед врапчето и јас ќе останам со тебе…нема да бидеш осамен, ние заедно со тебе ќе се грижиме за гнездата на нашите пријатели – птиците што заминаа на југ…ќе чекаме да дојде пролет и тие пак да се вратат.

Откако ќе го прочитате расказот со помош на слики, поттикнете го вашето дете да ги именува и опишува птиците кои заминуваат на југ…охрабрете го во одговорите.

На крај земете лист од блок и дрвени боички – детето по контура нека обои птица по негов избор.

Подготвил: Воспитувач – Ана Пандиловска