Возрасна група; 2 – 4 год
Наслов на активноста: ’’Воочување и именување на триаголна форма во непосредната околина” – Математичка игра
Цели на активноста:
- Поттикнување на способностите за споредување и класификација според форма, големина и боја
- Поттикнување способности за воочување и именување на основните геометриски форми (триаголник)
- Да се поттикнуваат способности за користење на математиката во опкружувањето;
Потребни материјали: картон, ножички, фломастери. За оваа игра можете да користите различни предмети (играчки, предмети од домот, од кујната и од непосредната околина). Потрудете се да бидат во различна боја и големина.
Тек на активноста:
- Во природата на децата е да бидат љубопитни. Таа љубопитност на некој начин ние возрасните треба да ја задоволуваме и да ја поттикнуваме уште од најраната возраст на децата. Играјте со децата бидејќи на почетокот од нивниот живот, Вие сте најнепосредниот контакт и заедно со Вас учат многу работи.
- На голем картон нацртајте 3 триаголници. Обојте ги со основните бои (црвена, сина, жолта). Понудете му на вашето дете фломастер, охрабрете го и подучете го како се држи боичката, како правилно се бои и секако пофалете го.
- Сега побарајте некој предмет од вашиот дом што има форма на триаголник. Именувајте го и охрабете го да го именува предметот, односно формата. Поттикнете го детето да одбере играчка или било каков предмет од неговата околина, кој има форма на триаголник и да го стави на картонот на кој има нацртано триаголници во неколку бои. Доколу бојата на предметот ја има на нацртаните триаголници, посочете му го вниманието да го стави предметот на соодветната боја. Повторете доколку детето не може да се сети: „Дали е ова триаголник?“ сѐ додека сметате дека играта му е интересна на детето и дека ужива во неа. Најдете две различни форми и разговарајте, поставувајќи му прашања од типот: „Дали формите се исти или различни?“. Прашајте го според што се разликуваат. Избројте ги страните на глас и коментирајте „Твојот триаголник има 3 страни, а мојот квадрат има 4“ или „Чиј триаголник е поголем, твојот или мојот?“. Потоа сменете ги улогите, Вие сте сега тој што погодува. Правете се дека не знаете, за да може детето да ве корегира.
- Оваа активност му помага на вашето дете да разликува форми, да ги споредува по форма и големина, да препознава сличност или разлика помеѓу предметите, да ги класифицира предметите според одреденa меѓусебна поврзаност.
Подготвила – Наташа Бинова