Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: Постер – Човечко тело / Што има моето тело – Разговор
Цели на активноста:
- Стекнување на сознанија за човекот како суштество во природата, во поглед на биолошките функции
- Воочување на надворешните појави на работата на некои внатрешни органи
- Запознавање со важноста и функцијата на поединечни органи во телото и нивната меѓусебана поврзаност
- Прифаќање на своето тело како и различноста и рамноправноста со останатите деца и луѓе во своето блиско и пошироко опкружување
Потребен материјал: Енциклопедија за човечкото тело, хамер, хартија во боја, сламки…
Тек на активноста:
Детето преку движењата се запознава себеси и своето тело и станува свесно за своето постоење во светот.
Започнете ја темата за човечкото тело, откривајќи колку вашето дете знае за сопственото тело. Понудете му детска енциклопедија за човечко тело, разгледувајте ги, проучувајте ги сликите и поттикнете го да поставува прашања.
Изработете модели и постер со човечко тело, нека ги именува деловите на телото, органите и сетилата. Бидете научници, зборувајте за здравата храна за витамини и минерали, за физичките активности и зошто ни се важни за одржување на здравјето на нашето тело. Понудете му на детето апликации од органи кои ќе ги обои и исече.
Како што ќе го водите разговорот за патот на морковчето низ човечкото тело, така детето нека ги лепи апликациите на постерот. Објаснете му дека морковчето што го јаде за ручек го започнува патувањето од устата каде што го џвака и ситни на мали парчиња (апликација на уста, заби и јазик). Оттаму се движи по хранопроводникот до желудникот и се меша со соковите што се таму за да стане во течна состојба (апликација со хранопроводник, желудник) . Последната станица на морковчето е тенкото црево, завиткано во круг кое што наликува на полжавче, а тоа е сместено до дебелото црево (апликација со тенко и дебело црево). Ако се исправи тенкото црево, има должина колку еден автобус. Иситнетата храна оди во крвта за да му даде енергија на телото. Сите парчиња од морковчето што не можат да се сварат се туркаат во дебелото црево и се фрлаат кога оди во тоалет. Секоја течност која што не е потребна за нашиот организам, бубрезите ја претвараат во урина и ја складираат во мочниот меур, а оттаму се ифрла кога оди во тоалет (апликација со бубрези и мочен меур).
Во зависност од возраста и интересот на детето бројот на поимите може да се зголеми.
Моето тело има коски…
Кажете му на детето дека телото се состои од 206 коски, кои го држат телото исправено, ги чуваат внатрешните органи и поврзани се со растегливи мускули. Може да изработите скелет со сламки или макарони. Во текот на работата објаснете му – која коска каде се наоѓа на неговото и вашето тело, која коска е најголема, каде се наоѓа најмалата. Ако имате ренген снимка залепете ја на прозор и заедно со детето проучувајте што се гледа. Ренген снимката може да биде инспирација за повеќе активности – со бела темпера или креда, да поминуваат преку коските или да цртаат контури.
Може да му кажете и неколку занимливости поврзани со човечкото тело:
-Ушите и носот на човекот никогаш не престануваат да растат.
-Јазикот, како отпечатоците од прстите, има свој единствен отпечаток.
-Солзите се прават под горните очни капаци.
-Срцето чука околу 70 отчукувања во минута.
-Човечкото кивање може да патува со брзина од 100км/ч.
Се надеваме дека некоја од овие активности, ќе го стимулира вашето дете.
Пријатна забава!
Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова