Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: Обработка на стихотворба “Есен”
Цели на активноста:
-Запознавање на детето со содржината на стихотворбата
-Развивање на способност за слушање и разбирање на значењето на изговорените зборови
– Збогатување на детскиот речник со нови зборови
Потребен материјал: стихотворба, дрвени боички, бели листови.
Тек на активноста:
Излезете со вашето дете надвор во вашата околина на прошетка. Набљудувајте ја природата во есен, дрвјата, птиците, гранките, листовите и боите на есенските листови. Разговарајте со вашето дете за есента, какво е времето во есен, зошто паѓаат листовите од дрвјата, каква боја се, какви плодови ни дарува есента, како треба да се облекуваме кога е ладно и сл. Доколку имате можност, покажете му на детето да ги види и допре ливчињата со цел да ја осознае структурата и текстурата на ливчињата. Земете со вас една мала кошница и наполнете ја со есенски листови. Објаснете му на детето дека сите ливчиња се различни како по боја, така и по големина и форма, односно дека сите различно изгледаат.
Потоа на детето прочитајте му ја стихотворбата “Есен”, неколку пати со правилна интонација на гласот и јасна дикција. Проверете заедно со вашето дете дали некој збор му е непознат и објаснете го, а потоа поттикнете го детето да повторува по вас. На тој начин да се обиде да ја меморира стихотворбата.
ЕСЕН
Есента пристигна
во мојот крај,
со плодови зрели
и со жолт сјај.
Есенски ветрови
почнуваат да свират,
птиците во гранките
вешто се кријат.
Жолти лисја во есен
ко знаме се веат,
дождовните крупни капки
насекаде силно се леат.
Потоа на вашето дете дајте му бел лист хартија, истурете ги есенските ливчиња што ги собравте заедно во кошницата и предложете му да ги црта со помош на дрвени боички.
Во текот на цртањето, охрабрете го и пофалете го за неговата работа и на крај изложете ја творбата во неговата соба.
Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска