“Мојот скелет” –  Разговор / Манипулативна игра

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Мојот скелет” –  Разговор / Манипулативна игра

Цели на активноста:

-да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа
-да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за учечките и истражувачките активности
-развој на ситната мускулатура
-усовршување на око-рака координација
-запознавање со некои делови од своето тело и утврдување на старите знаења

Потребен материјал:  црн лист или хамер, бимбо стапчиња, цевки, конци, картон, лепак.

Тек на активноста: 

Прочитајте им го на децата следниов текст, како вовед во оваа тема.

Драго дете и другарче!  Ова е една интересна приказна за твоето тело! Дали си се запрашал:
-Како стои твоето тело?
-Како можеш да трчаш брзо?
-Како се смееш?
-Што ти чука во градите?
-Како дишеш?
-Колку коски имаш?

Треба да знаеш дека твоето тело е една чудесна машина, во која се е поврзано! Замисли си го тоа како твојот автомобил, во кој се возиш секој ден и кој, ако ги нема сите свои делови не би можел да функционира и да те  вози! Е, па така и твоето тело, тоа не може беа силните мускули со кои играш фудбал, тенис или балет. Не може без цврстите коски со кои трчаш, скокаш или се буткаш  со рака со своето другарче!

Коските на твоето тело му ја даваат цврстината, мускулите ги движат тие коски, а нервите ги “тераат” мускулите да работат.

Кога си се родил, си имал мали рачиња, мали нозе, рабра, прстиња. Се на тебе било малечко. Но, како што ти растеш и коските растат заедно со тебе.

Е, сега да те прашам – Дали сакаш да јадеш копанче? Ако да, пробај со тато или мама да го скршиш копанчето откако ќе го изедеш месото. Тешко е така? Значи дека коските  се мноогу цврсти и не се виткаат.

Во твоето мало тело  имаш многу коски – дури 206 на број!! Дали умеееш да изброиш од 1 до 206? Ако умееш, потруди се, направи го тоа!

Без тие мнооогу коски, твоето тело би било меко и млитаво, како вреќа! Нема да можеш ниту да стоиш, ниту да одиш без нив.

А дали знаеш која е најмала, а која најголема коска во твоето тело? Најголемата коска е таа на бутот, а најмалата е таа во увото и ни помага да слушаме. Се вика узенгија. Многу интересно  име, нели?

На крај, за заокружување на оваа тема, направете мал скелет со децата. Имено, може да го направите од бимбо стапчиња или од исечени пластични цевки, кои ќе ги залепите на црн лист или хамер поради подобра прегледност. Со оваа манипулативна активност, ќе им го задржите вниманието малку подолго на децата, а тие притоа ќе ги вежбаат малите вредни прстиња.

Исто така, ако сакате, направете и “роботска рака”. За тоа ќе Ви бидат потребни картон, конец и исечени сламки. Подобра идеа за тоа како би изгледала раката, можете да добиете од сликата во прилог.

Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска