Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активност: Есента ни раскажува – Расказ „Жолта Приказна“
Цели на активноста:
-Запознавање и емоционално доживување на содржината
-Потикнување на љубопитност и стекнување на елементарните сознанија за појавите и законитостите во природата
-Развивање на способност за препознавање на карактеристиките на годишното време есен
-Развој и негување на говорот
Тек на активноста
На Вашето дете, прочитајте му го расказот…
„Жолта приказна“
Златокосата Есен дојде тивко и незабележливо.
Прво ја насетија штрковите. Едно утро најстариот штрк ги собра сите од својот род и рече:
-Застуде. Откај планините почна да се спуштаат магли. Сонцето послабо грее. Го покриваат облаци. И водата во реките и барите е се постудена. Се сокрија и жабите и змиите и гуштерите. Време е да се преселиме на југ, кон потоплите краишта…
На телефонските жици како жив ѓердан, беа наредени стотици ластовички. И тие се договараат пред заминување на југ.
Од круната на старата јаболкница веќе не се слушаше песната на славејчето.
Секна и песната на чучулигата под облаците.
Врабецот Џивко беше се позагрижен и по тажен. Тагуваше по деновите полни со сончевина.
Натежнати од богатиот род, се виткаа гранките на јаболкниците, крушите, сливите, дуњите… Вредните пчели слетуваа врз сочните гроздови.
Луѓето се растурија по нивите, зеленчуковите градини, овоштарниците и лозјата. Секој го собираше плодот од она што го посадил.
Есента сврати во секој дом и остави богати дарови. На полиците се редеа шишиња со сокови, тегли со компот, мармалад, ајвар, слатко и друга зимница.
Во шумата секна песната на птиците. Пожолтеа лисјата на дрвјата, а потоа оголеа гранките. Се слушаше само жуборот на потоците, кои ги носеа искинатите лисја од листопадните дрвја. Баба меца ги прибра своите во пештерата. Врз куп суви листја и папрат, тие ќе спијат зимски сон се до пролет рано. Верверичката од блиската корија насобра многу желади, ореви лешници, печурки и до врв го наполни својот амбар.
Децата дојдоа во шумата на прошетка и извикаа:
-Добра нека ви е зимата на сите вас шумски жители!
Откако ќе го прочитате, разговарајте со детето за особеностите на годишното време – есен. Поттикнете го да одговори на вашите прашања, поврзани со содржината на расказот. Потоа појдете на прошетка во блиската околина, каде што ќе му овозможите на детето да ја набљудува природата. Направете букет од есенски ливчиња, кои секако ќе го понесете дома.
Подготвил: Воспитувач – Сузана Чурлинова