Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активност: ,,Есенско дрво“ – Изработка од природен материјал
Цели на активноста:
-Детето да се оспособи да витка, тутка и лепи хартија и други материјали
-Да се поттикнува самостојноста во користењето на нестандарден ликовен материјал
-Да се поттикнува да ја користи својата креативност во секојдневните ситуации
-Откривање на различните ликовни можности на материјалите и нивно употребување на повеќе насоки, како и слобода во комбинирање на ликовните техники
-Развој на ситната мускулатура на дланката и прстите
Потребни материјали: разновидни есенски лисја, шишарки, хамер во кафеава боја, лепак, ножички, блок хартија како подлога..
Тек на активноста:
Веќе сме длабоко навлезени во жолто – златниот период од годината. Тоа се двете неразделни бои кои недвосмислено асоцираат на есента. Есента е свежа, но сепак пријатно есенско време, сезона на топли чаеви и вкусни пити. Па затоа, искористете го овој прекрасен период за забавни активности во кои можете да го вклучите и вашето дете и да уживате во се што има да понуди сезоната. Активностите на отворено се секогаш одлични за вашето дете. Прошетајте во некоја блиска шумичка и заедно одете на лов на лисја. Собирајте шарени есенски лисја. Ова е одлична можност да се повторат боите што веќе ги има стекнато, така што детето ќе ви кажува во која боја е секој лист. Потоа помогнете му да ги сортира лисјата, според нивната боја и големина. Ова се мали, но одлични вежби со кои се развива логиката кај малите дечиња, а со кои истовремено се забавуваат во природа. Додека собирате листенца – зборувајте за птиците, кои птици се селат во потоплите краишта и зошто и кои птици остануваат кај нас. Набљудувајте ги дрвата, зошто на некои дрва им паѓаат листенцата, а некои дрва се зелени. Спомнете ги традиционалните зимници кои што се прават како – ајварот, мармаладот….
Соберете природен материјал како листенца шарени, шишарки, гранчиња…и поведете ги со вас во вашиот дом за да се подготвите за активноста со вашето дете.
Една од најинтересните есенски активности вклучува и доза на креативност и сликање. Ова е одлично искуство кое ја развива креативноста кај малите деца и исто така помага и за развој на координацијата.
Користете хамер во кафеава боја и помогнете му на вашето дете да го свитка во ролна и да го залепи на краевите. Хамерот со ножички нека го исече на врвот и свиткајте ги нежно да личат на гранчиња. Потоа хамерот ќе се исече и на краевите доле на повеќе места каде што тоа ќе означува корења на дрвото. Со помош на лепило, залепете ги ,,корењата“ на дрвото на подлога од блок хартија или по ваш избор. Потоа дозволете му на детето со лепило да ги лепи листенцата по гранчињата. На подлогата ставете го останатиот дел од листенцата, каде што ќе биде како имитација на паднати лисја од дрвото. Можете да го украсите со шишарки. Шишарките може да ги ишара со бои и да ги претвори во украси во форма на ежиња.
Децата ја сакаат оваа активност и сакаат да откријат што се друго можат да направат со пронајдените богатства!
Подготвила – Силвана Бошковска – Ќулавковска