Печатење на кора од дрво со восочни бои -Манипулативна игра

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Печатење на кора од дрво со восочни бои -Манипулативна игра

Цели на активноста:

-Да се поттикнува интересот за користење на различни форми и извори на информации;
-Да се развива самостојноста, вниманието и истрајноста;
-Да се збогатува искуството како основа за стекнување на нови знаења, вештини, навики, умеења;
-Да се стекнуваат информации за средината преку набљудување и манипулација.

Потребен материјал: енциклопедија, интернет, серија слики, ликовен материјал (бели листови, восочни бои), списание Росица бр.3/2019г.

Тек на активноста:

Дрвјата се најголемите растенија во светот. Можеме да видиме дрвја насекаде околу нас: во градината, парковите, полињата, шумите и покрај улиците. Надворешната страна на дрвото е покриена со тврд слој наречен кора, која го штити дрвото да не се суши, да не се разболи и да не го оштетат животните и штетниците.

Постојат листопадни и зимзелени дрва со различна големина, висина и дебелина. Лисјата на листопадните дрва во есен се сушат, пожолтуваат и паѓаат, а на зимзелените остануваат зелени преку целата година, во сите годишни времиња.

Секој тип на дрво има своја едниствена кора – шема, често доволно карактеристична, за да служи како средство за идентификација. Кората на дрвото може да биде црвена, зелена, сива, бела, портокалова или шарена, мазна, груба или длабоко изрезбана. Ако внимателно размислите за некое парче кора, тоа ќе изгледа како парче апстрактна уметност. За да се одржи кората здрава, треба да се отстранат плевелот и штетниците.

За да му биде појасно на детето, за тоа какви видови на кори имаат дрвјата, заедно со вашето дете ќе се потрудите да ја реализирате активноста т.е. ќе печатите на кора од дрво. Можете да земете отпечатоци од неколку различни дрвја за да ги споредите шарите од корите. Подолу на сликовит начин во неколку чекори, Ви е објаснета постапката.

И како за релаксација и дружење со семејството, една интересна игра со правила „Есенска брканица во шумата“, која можете да ја најдете во списанието Росица бр.3/2019г. (се надевем дека дел од вас го има ова детско списание).

Подготвил: Воспитувач – Оливера Ѓоревска