Возрасна игра: 4 – 6 години
Наслов на активност: Нашиот пријател ДРВОТО – Говорна игра
Цели на активноста:
-Спознавање на ДРВОТО, преку конкретно набљудување и манипулирање со фокусирање, размислување, запознавање, доживување, решавање проблем, истражување и осознавање за дрвото – видови /листопадни и зимзелени/ и деловите – /корен, стебло, гранка, лист/.
-Развивање на мисловните процеси /анализа, помнење, логично поврзување, заклучување…/ преку процесот на сетилно учење и согледување сличности и разлики помеѓу видовите дрвја.
-Натамошно развивање на перцепцијата, спознајните функции и говорните потенцијали кај децата.
-Поттикнување на развојот на свесноста кај децата за сопствената улога во подршката на опстанокот на природата и растителниот свет – ДРВОТО.
Потребни материјали:
Растителниот свет – дрва зимзелени /елка, смрека, бор/ и листопадни /даб, бука, див костен, бреза/ во блиската околина, кошница, разновидни есенски лисја, костени, шишарки.
Тек на активноста:
Почитувани,
Вие и вашето дете поаѓате на заедничка есенска прошетка. Патот ве води до блиската градина или до дрворедот на вашата улица или едноставно, поаѓате на прошетка во градскиот парк. Патем иницирајте радост и возбуда кај вашето дете, потикнивајќи го да ужива во убавините на есента која се распослала насекаде околу вас. Чекорете по тревата, по лисјата кои шумолејќи паѓаат од дравјата и се диплат на земјата или шушкаат под тежината на детските ножиња. Спонтано поведете ги до стеблото на едно дрво. Заедно разгледувајте, набљудувајте, ненаметно охрабрувајте го да ги споредува по големина, височина и дебелина – дрвјата околу себе. Потикнете го да именува и покажува делови на дрвото: корен, стебло, гранки, лист и плод. Пофалете го и продолжете со објаснување – секое дрво има корен со кој си пие вода и храна од земјата, има стебло кое го држи исправено и ја пренесува храната до гранките, листовите и плодот.
Залулајте гранка од едно дрво /пример: даб, бука, бреза, див костен/ и гледајте, лисјата како рој бисери ќе почнат да се ронат од гранките, бојата им а различна: жолта, портокалова, кафеава, црвена или бакарна. Листовите имаат различна форма, големина и дебелина, но сите тие во есен паѓаат и затоа овие дрвја се викаат ЛИСТОПАДНИ дрвја. А сето тоа се случува затоа што ни дојде годишното време ЕСЕН. Сега сонцето послабо грее, а воздухот е се постуден и постуден, листовите се сушат, се одделуваат од гранките и паѓаат на земјата. И се така до зима, кога гранките ќе останат голи. А на пролет, кога времето ќе се стопли, ќе никнат нови млади зелени листови.
Спонтано, детското внимание насочете го кон дрвјата: елка, бор, смрека. Вие ги именувате, ги покажувате и воопштувате. Ова се ЗИМЗЕЛЕНИ дрвја. Но токму тогаш, предлагам оставете ги децата сами да споредуваат што е слично а што е различно кај видовите дрвја /деловите; корен, стебло. гранки се исти, а листовите и плодовите се различни/. Појаснувајте: листовите на елката, борот, смреката не се сушат, тие остануваат зелени во текот на зимата и затоа се викаат Зимзелени дрвја.
Нагласете, секое дрво има век на живот и стареење. Потрудете се да најдете пресечено дрво и заедно да ги броите круговите /годовите на него/, со што ќе ги изброите и неговите години на старост.
Повикајте на игра во просторот, собирајте лисја во купчиња, правете разнобојни букети, плетете есенско венче, кошничката наполнете ја со диви костени, шишарки.
Препуштете се на песната на птиците и џивкањето на врапчето и напомнете, дрвото е дом на сите птици што останаа да живеат во нашите краишта /чучулига, страчка, був, див гулаб, клукајдрвче/. Верверичката и куната ќе зимуваат во куќичката во стеблото на дрвото, а ежето ќе зимува под лисјата до коренот на дрвото.
Вдишувајте и издишувајте, чувствувајте го чистиот воздух кој го создаваат токму тие – нашите пријатели Дрвјата. Тие се белите дробови на нашата планета Земја. Да ги чуваме дрвјата, да се грижиме за нив, да ги заштитуваме од пожари и постојано да засадуваме нови садници. На тој начин ќе создадеме и еколошки здрава животна средина за СИТЕ.
Задоволни од денешната есенска прошетка, полни со впечатоци и кошничка полна со костени, шишарки и преубави жолти есенски лисја, се враќате дома.
Предлагам виденото и наученото за дрвјата, да стане поттик за безброј нови манипулативни и креативни игри во деновите што следат.
Подготвил: Воспитувач – Бубе/Љубица Тасковска