„На пазар во есен“ – Mатематичка игра со улоги

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: „На пазар во есен“ – Mатематичка игра со улоги

Цели на активноста:

  • Да се постават основи за логичко поврзување на стекнатите информации;
  • Да се поттикнуваат способности за користење на математиката во опкружувањето;
  • Да се развиваат способности за класификација според боја, форма, големина, број, вид и род;
  • Да се развива индивидуалниот пристап во обидите за решавање на проблемски ситуации;
  • Развивање на имагинацијата, инвенцијата и творештвото;
  • Стекнување социјално искуство и сознанија за другите луѓе преку играње на нивните улоги во драмските активности;
  • Да се оспособи детето за правилна дискриминација и артикулација на гласовите, како основа за правилно изговарање на зборовите.

Потребен материјал:

Вистински плодови – зеленчук (домати, пиперки, бабури, зелка, моркови, праз, кромид, лук, модар патлиџан, карфиол, брокула, грашок, компир, боранија, цвекло, корнишони) или играчки – зеленчук, кошнички или гајбички за зеленчукот или импровизирани корпи, торби за пазарење, „пари“ за пазарење.

Тек на активноста:

Есента е богата со многу вкусни и сочни плодови, овошје и зеленчук, кои се значајни за здравјето на човекот, посебно во оваа моментална состојба на пандемија. Сите ние, во својот дом употребуваме и конзумираме разновиден зеченчук.

Поттикнете го вашето дете да размисли и да даде предлог кој зеленчук да го употребите за да зготвите ручек. Заедно проверете дали го имате потребниот зеленчук во домот и додека проверувате, нека го покажува и именува. Доколку немате некој зеленчук, одете заедно на пазар да го снабдите.

Откако ќе се вратите од пазар, предложете му на детето да играте „Пазар“ и поделете си ги улогите „Продавач“ и „Купувач“. Импровизирајте „пазар“ ставајќи го зеленчукот на „тезги“, направете од хартија „парички“ и земете платнени торби за пазарење.

Правилата на игра се – купувачот да пазарува зеленчук според неколку карактеристики и својства: 1. Зеленчук по форма, 2. Зеленчук по боја, 3. Зеленчук по големина, 4. Зеленчук по односи (тесно – широко, долго – кусо), 5. Зеленчук кој расте над и под земја, 6. Зеленчук по број, до бројот 3. Инсистирајте секогаш да го покажува и правилно да го изговара секој зеленчук.

На крај, со купениот зеленчук згответе вкусен и здрав ручек и направете салата од свеж зеленчук.

Подготвил: Воспитувач – Билјана Гавриловска