,,Двајца пријатели“- Драмски текст

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: ,,Двајца пријатели“- Драмски текст

Цели на активноста:

-Запознавање и емоционално доживување на содржината;
-Развивање на способноста за активно слушање и разбирање на содржината;
-Стекнување на социјални искуства и сознанија за содржини и дејствија преку игри на улоги;
-Збогатување на знаењата за убавините на есента;
-Оспособување за пронаоѓање, воочување и одбирање на материјали од непосредната околина, со кои пластично ќе се изрази

Потребен материјал: природата од непосредната околина, гранчиња, есенски лисја, цвеќенца, драмски текст,,Двајца пријатели“, дрвени лажици, фломастери, картон, лепак.

Тек на активноста:

Појдете со вашето дете на прошетка, каде ќе му овозможите да ја набљудува природата во есен, промените што се случуваат во растителниот свет, времето и метеоролошките појави, потенцирајки ги при тоа карактеристиките на ова годишно време.

Пред да се вратите, повикајте го вашето дете заедно да соберете гранчиња и есенски листенца кој ќе ги понесете дома.

Средете ги вашите впечатоци од прошетката, а потоа кажете му ја гатанката за Есента –

Принцеза со  жолти коси,
благодат на сегде носи.
Птиците на југ ги гони,
жолти лисја суши, рони.

Во продолжение презентирајте му го драмскиот текст:,,Двајца пријатели преку сценска изведба, така што претходно ќе имате подготвено -изработено две кукли – дрвја, бор и даб од дрвени лажици на кои ќе залепите нацртани или исечени готови апликации.

(Приказната се случува на еден рид каде што растат дабот и борот.)

Дабот (воздивнува): Време е да заспијам…Чувствувам дека зимскиот сон ќе ме совлада. А и лисјата ми се ронат…

Борот (растажено): Пак ме оставаш сам, пријателу мој! Затоа и јас не сакам да дојде зима, иако сум зимзелен.

Дабот (помирливо): Таков е редот, иглолисен бору! Јас сум дрво на кое лисјата наесен му паѓаат. А напролет пак му се обновуваат.

Борот (загрижено):Што ќе правам сам на ридов! Навикнав да живеам со тебе. Но не знам како сме се нашле еден до друг…Ти листопаден, а јас вечно зелен!

Дабот: Така требало да се случи…(размислува). Многу одамна, пред повеќе од еден век, една птица пренела желад, па од него никнав јас на ридов. А ти, зелен бору, до мене израсна многу подоцна. Од ветерот ли беше донесен или од нешто друго, не знам…

Борот: Сакам да те слушам како ми раскажуваш! Најмногу сакам да слушам за моите детски години.

Дабот ( се смешка): Затоа што сум постар од тебе и подолго паметам…А ти си внимателен и ме слушаш. Кога беше мал те чував некој да не те откине. Или да не те откопаат дивите свињи што доаѓаат под моиве гранки да јадат желади. Затоа желадите ги тресев понастрана од тебе, плашејкќи се некоја алчна свиња да не ги откопа со рилката…

Борот: Кога сме заедно побрзо ми минува времето…Но кога доаѓа есента и јас се растажувам.

Дабот: Што да правам, пријателу мој… Таков е редот кај нас, кај листопадните дрвја. Студените месеци мора да ги преспиеме во длабок сон..

Борот: Зошто не се обидеш барем еднаш и во зима да останеш буден и зелен? Дали е пролет или лето, есен или зима, јас секогаш сум ист!

Дабот (се смешка): Така е затоа што си иглолисен…А моите лисја ако останат зелени, ќе се смрзнат заедно со гранкиве…Не ќе можам да преживеам.

Борот (со тажен глас): Кога би знаел колку сум осамен кога ќе замолкне твојот глас. Што ќе правам сам во текот на овие месеци?

Дабот: Ќе ја чекаш новата пролет! Затоа остани барем ти буден и чувај ме до април, додека да разлистам. Но внимавај да не дојде некој несовесен дрвар со моторна пила, та да ме сосече додека спијам…

Борот: Нема да допуштам! Ќе те чувам и ќе чекам додека дојде пролетта. Ти си мојот најголем пријател.

Дабот: И јас те сакам.. И се радувам што си толку убав, висок и строен…Добро е да има секој ваков пријател.

Борот: А и јас се гордеам со тебе. Гранест, цврст и силен на кого што ветровите ништо не му можат…

(Се слуша фучење на есенски ветер. Лисјата на дабот се ронат. Дабот седнува на земјата и заспива. Над него останува борот да бдее.)

Преку разговор повторете ја содржината, нагласувајки ги највпечатливите моменти.

На крајот направете Есенско дрво од природниот материјал што го донесовте од надвор.

Подготвил: Воспитувач – Теодора С. Петковска