Зошто паѓаат лисјата во есен – Говорно-ликовна игра

Возрасна група: 5 – 6 години

Наслов на активноста: Зошто паѓаат лисјата во есен – Говорно-ликовна игра

Цели на активноста:

*да се поддржува детето во изразувањето на различни начини на искажување на сопствените идеи и мисли, искуства и чувства
*да се поддржува на свој начин да ги пренесе своите решенија, мислења, искуства, заклучоци и сл.
*да се развива способноста за искористување на играта и игровните активности во функција на учење и откривање

Потребен материјал: есенски лисја, восочни боички, хартија за цртање

Тек на активноста:

Есента со сето свое шаренило од бои, мами на долги прошетки во природа. Сигурно Вашите дечиња веќе имаат направено букет од паднати есенски лисја. Но, сте ги прашале ли некогаш дали знаат зошто паѓаат лисјата од дрвјата?

Поставете му го ова прашање на детето и поттикнете го да размисли: Што се случува со лисјата на есен? Зошто ја менуваат бојата? Како се откинуваат од гранките и паѓаат долу на земјата? Прифатете ги неговите одговори, а потоа земете неколку листа и набљудувајте ги жиличките што поминуваат низ нив. Нека ја воочи нивната дебелина и правецот низ кој се движат на површината на листот. Објаснете му дека низ тие жилички тече растителен сок со кој листот се храни, но во есен, за да се заштити дрвото од мрзнење, тие жилички се стеснуваат и затвараат, па така листот останува без храна, почнува да жолтее и да се суши и на крај се откинува од гранката и паѓа. На пролет повторно ќе се родат нови ливчиња.

Откако ќе го разбере овој процес, предложете му на детето една игра во која ќе ги открие сите жилички на листот. Имено, на работната површина поставете еден есенски лист, а врз него ставете хартија за цртање. Детето со восочни боички ја бои целата површина и на тој начин го открива отпечатокот на жиличките од листот. Во оваа игра може да се користат лисја со различни форми и големини, разни комбинации на боички и да се изработат најразлични композиции.

Уживајте во времето поминато со Вашите најмили и секоја игра, секое задоволство претворете го во процес на учење и откривање.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова