Драмски текст – „Црвено – жолта кавга“

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активност: Драмски текст – „Црвено – жолта кавга“

Цели на активност:

*Да се оспособува детето за слушање и разбирање на текстови и приказни презентирани од возрасен
*Богатење на детскиот речник со нови изрази и зборови
*Да се поттикнува способност за започнување на дискусија и поставување прашања, како и изразување со куси и правилно формулирани реченици

Потребен материјал: црвено јаболко, круша, дуња, текст од прилогот

Тек на активност:

За оваа активност од помош би било да набавите црвени јаболки, крушки и дуњи.

Повикајте го детето во вашата кујна, за да му покажете колку убави плодови сте купиле од пазар, пиљара. Прашајте го дали се овошје или зеленчук. Откако ќе го добиете одговорот, поразговарајте за секое овошје поединечно, поттикнете го да го опише: форма, боја, мирис. Поразговарајте и за местото каде што расте овошјето, за овошните дрвја и именувајте ги. Пр. – јаболкото расте на јаболкница, крушката на овошно дрво-круша… Потоа може да го прашате кое му е омилено овошје и според негово мислење – кое е поздраво за јадење.

Предложете му да ве послуша, бидејќи ќе му раскажете една убава приказна за караница која се случила во овошна градина. Приказната може да ја читате или прераскажете, а додека раскажувате пред детето нека стојат плодовите кои се споменуваат. Откако ќе ја завршите приказната, поттикнете го со кратки прашања да ви раскаже што научило од содржината, при што ќе донесете заклучок дали детето  навистина ве слушало и разбрало нешто од приказната. На крајот предложете му на детето, заеднички да направите една овошна салата од круша, јаболко и дуња – така ќе го почувствувате и вкусот на овошјето.

Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска