,,Срце за моето другарче‘‘– Печатење со темперни бои

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: ,,Срце за моето другарче‘‘– Печатење со темперни бои

Цели на активноста:

  • Негување на љубов, почит и грижлив однос кон другарството
  • Развивање на емпатија
  • Поттикнување на детската креативност, имагинација и инвентивност
  • Поттикнување на самостојност во ликовното творење и изразување
  • Да се поттикнува детето кон градење на елементарен емоционален став кон себе и другарчињата

Потребен материјал: Приказна ,,Моето другарче“, темперни бои, четка, хамер, украсна лента, песничка ,, Дајте музика“ од youtube.

Тек на активноста:

Пријателството е важен и незаменлив дел од животот на секое дете. Друштвените игри кои тоа ги учи од најрана возраст, особено способноста да стекнува пријатели, се витални за неговиот иден развој. Играта на фантазија што се јавува во овој период, е доминантна активност меѓу  другарите и има значајна улога во социјалниот и емоционалниот развој.

Ова се особините кои детето

може да ги стекне низ другарството:

  • Самодоверба, надминување на тешки моменти, решавање проблеми, емпатија

Преку спонтан разговор, детето се поттикнува на искази. Прашајте го детето кое му е најдобро другарче и зошто? Запознајте го со поимот другарство и неговото значење кое е особена важност за децата. Разговарајте со детето како правилно треба да се однесуваме кон другарчето. Со другарчето треба да се делат играчките, другарчето никогаш не треба да го удираме и секогаш треба да му се помогне, кога му е потребна помош, да се чуваат неговите тајни…

Прочитајте му го расказот ,, Моето другарче“

Моето другарче

Си беше еднаш едно детенце кое се викаше Бојан. Тој седеше во својата соба и си играше со играчките. Играјќи си така, слушна звук кој доаѓаше од вратата….чук, чук, чук!

  • ,,Влези“- рече Бојан.

На вратата се појавија две раце:

  • ,,Може да играме со тебе?“- прашаа рацете.
  • ,,Жалам ама не можам да играм со вас“. Бојан продолжи со својата игра, кога…чук, чук, чук тропна некој на вратата.
  • ,,Влези“- рече Бојан. Тогаш на вратата се појави една жолта маичка.
  • ,,Не ми се игра“- одговори Бојан и ја сврте главата. Повторно, се слушна тропање на вратата. Овој пат се појавија зелените панталони. Бојан ја одби играта со пантолоните. Пантолоните си заминаа. И на крај на вратата се појави едно насмеано лице.
  • ,,Може ли да си играме заедно“- праша насмеаното лице. Бојан се насмеа, го препозна неговиот другар Горан.
  • ,,Да, јас ќе играм со тебе Горан“- одговори Бојан.

Среќни, двајцата другари прво се поздравија и потоа седнаа да си прават хартиени авиончиња.

Откако ќе му ја прочитате приказната, прашајте го детето дали му се допадна, дали ја разбра содржината и поттикнете го на ликовна игра, да испечати со дланките – срце за неговото другарче. Предложете му да изработите подарок за другарчето, а потоа со ваша помош нацртајте контура на срце на бел хамер. Намачкајте ги дланките на детето со темперни бои, какви што тоа ќе одбере. За уште пошарено и поинтересно да биде, може на секое прсте да има различна боја. Откако ќе се намачкаат дланките, стиснете ги на хамерот. Оваа процедура, повторете ја неколку пати. Додека детето работи со боите, прашајте го која боја – каква е и која му е омилена боја? По завршувањето на активноста, оставете да се исуши хамерот, а потоа завиткајте го во ролна и со ваша помош заврзете лентичка околу него. Ова ќе биде подарок за неговото другарче. Пофалете го неговиот труд. За крај, пуштете му ја на детето песничката ,,Дајте музика,“ каде што децата пеат токму за другарството.

Другарството е како цвеќе – треба да го негуваме

 и да се грижиме за него за да опстане…

Без другари е тажно, другарството е важно!!!

 

Подготвила – Силвана Бошковска – Ќулавковска