Возрасна група: 3 – 4 години
Наслов на активноста: Дидактичка игра за геометриска форма – круг
Цели на активноста:
- Развој на логичкото мислење кај детето
- Развивање на способност за воочување и именување на предметите во околината
- Поттикнување на детето да учи преку игра
Потребен материјал: апликации од различни геометриски форми, дрвени боички.
Тек на активноста:
На почетокот од активноста, заедно со вашето дете разгледувајте различни форми во вашиот дом и анализирајте ги предметите што имаат кружна форма. Покажете му пример дека кружна форма има вазната што стои на масата, часовникот на ѕидот, огледалото, тенџерето, чашата што пие вода, чинијата од каде што јаде итн. Потоа поттикнете го детето самостојно да пронајде, да ви го покаже и именува предметот со кружна форма во вашиот дом. Пофалете го вашето дете со зборовите Браво, Одлично, Супер, со цел да го охрабрите и да ја зголемите неговата самодоверба!
Потоа покажете му ги основните геометриски форми круг, триаголник, квадрат – преку неколку интересни апликации и заедно именувајте ги. Следи дидактичка игра за геометриската форма круг.
Имено, од понудените примери што ви ги праќам и од понудените цртежи со форми, детето треба од сите основни геометриски форми да го пронајде кругот и само тој да го обои со соодветна дрвена боичка, што вие ќе му ја дадете – на пример жолта (како во примерот). На тој начин детето ќе се забавува, ќе вежба и ќе го утврди знаењето за геометриската форма круг.
Ви посакувам пријатна работа со вашето дете!
Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска