“Дидактичка игра – круг, квадрат, триаголник“

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Дидактичка игра круг, квадрат, триаголник

Цели на активноста:

-да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа
-да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за учечките и истражувачките активности
-развој на координација и контрола на движењата  при одење и трчање
-да се поттикне да учествува во движечки активности со препреки
-воочување релации во однос на себе (пред-зад, горе-долу).
-поттикнување способност за користење на математичките поими и операции во опкружувањето
-усовршување на око-рака координација

Потребен материјал:  пластични чаши, хартија, ножички…

Тек на активноста:

Креирањето на математичка натпреварувачка игра е предизвик зa децата во која тие можат активно и непосредно да учат, а истовремено да ја задоволат потребата за движење и физичка активност.

За оваа игра, Ви се потребни многу форми на круг, квадрат и триаголник  кои ќе ги исечете од хартија во боја која ја имате во Вашиот дом. Дозволете им на децата самостојно да сечат или помогнете им и давајте им инструкции како правилно да ги држат ножиците и да сечат по нацртаната линија. Разговарајте со нив, да ви кажат која е формата што ја сечат. Потоа поттикнете ги децата да именуваат предмети со истата форма од вашето опкружување (масата, огледалото, книгата, чинијата, сообраќајните знаци, ..)

За оваа игра може да излезете  надвор, а може и да останете дома. Ако излезете надвор во блискиот парк, поканете ги другарите на Вашите деца и заеднички играјте ја оваа игра.

Но најважно е да ги почитувате правилата на физичкото растојание во текот на играта!

Потребно е да имате три пластични чашки кои ќе ги одбележите – секоја посебно со една од  формите. Претходно  исечените форми на круг, квадрат и триаголник од хартија, расфрлајте ги на земјата на различни страни или пак за да е поинтересно, сокријте ги формите, а децата нека ги бараат. Сите членови од семејството можат да земат  учество. Поделете се кој – која форма ќе ја собира.

На даден знак почнувате. Времето мерете го со помош на омилената песна на детето. Кога ќе заврши песната треба сите да ја завршите играта. Победник е оној кој има собрано најмногу форми. Избројте ги формите заедно со децата. Така детето ќе може истовремено да ги учи и повторува – формите, боите и броевите.

Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска