Имам право на топол дом, семејство

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Имам право на топол дом, семејствоРазговор по семејни фотографии

Цели на активноста:

-да се поттикнува детето да негува позитивни чувства кон членовите на семејството;
-да негува позитивен емоционален однос кон членовите на семејството, да се поттикнува да развива чувство на припадност и меѓусебна доверба.
-да се оспособува да воочува сличности и разлики помеѓу членовите на семејството (пол, височина, боја на очите и сл.), како основа за почитување на различностите;

Потребен материјал: семејни фотографии, едукативен прирачник за деца  ,,Моето семејство” бел лист, темперни или водени бои, четка…

Тек на активноста:  

Со детето поведете разговор за семејството и љубовта од родителите, која е најсилната љубов на целиот свет. Со љубовта од родителите децата растат безгрижно, весело, чекорат среќно низ животот. Посочете им дека домот е најсаканото и најтоплото катче за секој член од семејството. Членовите на семејството заедно ја споделуваат секоја радост и тага. Разговарајте за тоа како заедно ги прославувате семејните празници, своите родендени, заедно јадете, разговарате. Кажете им на децата дека, не секое семејство има ист број на членови – некои живеат со два родители, некои со еден родител, други имаат братче или сестричка, а некои живеат и со своите баба и дедо.

Земете албум со семејни фотографии и заедно разгледувајте ги. Додека ги разгледувате, поттикнете го детето да ги препознава и именува членовите на семејството. Понудете му фотографии од различни периоди од животот, од бебе, па се до денес. Разговарајте за членовите на семејството, за мама, тато, баба, дедо, дада и бато.

Кога ќе го завршите разговорот низ фотографиите, понудете му на детето да го наслика вашиот топол дом – односно да наслика една семејна фотографија со сите членови од вашето семејство.

Подготвила – Маријана Гиразова