Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста:„Зошто треба да се храниме здраво“- Разговор
Цели на активноста:
*Да се развива способност за користење на своите непосредни искуства во процесот на учење
*Да се поттикнува и развива мисловниот процес
*Да се поттикне детето кон развивање на координација меѓу око и рака, правилно држење на ножички и правилно сечење
Потребен материјал: свежи продукти, хамер, весници за здрава храна, ножички и лепак
Тек на активноста:
Секој од нас знае дека хигиената е половина здравје, но многу значајно за нашето здравје е и спортската активност, како и правилната исхрана. За таа цел, потребно е на децата преку разговор да им објасните колку е значајно да имаат правилна исхрана. Поставете им го прашањето – Зошто треба да јадеме? Верувам дека ќе добиете најразлични одговори. Додека детето ви ги дава одговара на ова прашање, поттикнете го самото да дојде до заклучок – дека храната е многу значајна за неговиот правилен раст и развој (да може да трча, игра, скока), таа му овозможува да размислува, да се бори против настинките и бактериите и сл. Секое дете треба да знае дека за да биде здраво, потребно е да има 3 разновидни оброци и 2 ужинки во текот на денот. Оброците треба да бидат богати со многу витамини и минерали, јаглехидрати и протеини. Разговарајте за тоа дека, некои оброци кои ги конзумира се здрави, но има и такви кои се помалку здрави.
Во продолжение побарајте од него да ви наброи неколку видови на јадења и самото да заклучи кои состојки од јадењето се здрави и полезни за него. За активноста да му е поинтересна, поттикнете го да изработи постери со здрава и нездрава храна како на сликата подолу. За изработка на постерите потребен ви е хамер, кој детето самостојно или со ваша помош ќе го исече во круг, апликации од весници за здрава храна или детски списанија, лепак и ножички. Додека детето ги сече апликациите, потикнете го да ви го каже името на продуктот, бојата, формата и сл. Детето треба да ги исече апликациите и да ги залепи на соодветното место. За крај можете да му предложите – заедно да подготвите еден здрав оброк, кој детето со задоволство би го конзумирало.
Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска