„Здрав и болен заб“ – Говорна игра

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: „Здрав и болен заб“ – Говорна игра

Цел на активноста:

-Да се поттикнува и поддржува љубопитноста за откривање и осознавање;
-Да се развива интересот за стекнување на основни сознанија за човекот како приридно и општествено суштество;
-Да се поттикнуваат способности за групирање на предметите според воочливи и заеднички особини;
-Да се стекнуваат основните навики за одржување на лична хигиена.

Потребен материјал: хамер, ножички, лепак стик, сликички од здрава и нездрава храна, садови за готвење, прибор за јадење, цд.

Тек на активноста:

Сите живи суштества се хранат. Храната ни овозможува да живееме, да растеме, да бидеме здрави. Храната е гориво за нашиот организам. Храната ни дава сила, енергија и моќ – да играме, да пееме, да се смееме. Сите ние и големи и мали, кога сме гладни сме незадоволни, нешто ни е потребно нам и на нашиот стомак. Во нашиот стомак се слуша врева. Да, тоа се нашите црева кои бараат храна! Помогнете им, тие се нестрпливи, очекуваат храна. Но, каква храна ке јадете? Јадете разновидна храна, полна со витамини и други хранливи состојки. Јадете овошје, зеленчук, јадете месо, јајца, риба…Јадете редовно наутро, за ручек, но и за вечера. Има едно многу важно правило: јади редовно, правилно, разновидно и чисто, за да бидеш здраво, весело и дете бистро.

Со вашето дете земете два бели хамери и исечете ги во вид на запчиња. На едното запче нацртајте насмеан лик, додека на другото запче тажен лик. Објаснете му на вашето дете преку приложените слики што се случува со нашите запчиња – доколку јадат нездрава храна, т.е. сендвичи, бонбончиња, сладолед, торта, чипс, пици, чоколади итн. Објаснете му на детето какви ќе бидат нашите запчиња, доколку јадеме само здрава храна и редовно ги миеме. Откако детето ќе ги разгледа  приложените слики, најдете слики од некои списанија со здрава и нездрава храна или направете од колаж хартија и исечете ги заедно. Потоа поттикнете го детето да размисли, кој производ каде ќе го залепи, на насмеаното или на тажното запче. На пр. Насмеаното запче е насмеано, затоа што е здраво и ништо не го боли, затоа што јаде само здрава храна и редовно одржува хигиена. Значи на тоа запче детето ќе залепи овошје, зеленчук, месо, јајца, додека на тажното запче што се го боли и не одржува редовно хигиена ќе залепи чоколади, бонбони, пици, лижавчиња и сл.

Потоа играјте игра „На ручек во нашиот ресторан“ со вашето дете. Дозволете вашето дете да учествува во подготовката на ручекот заедно со вас. Потрудете се да зготвите здрав ручек од вашето мени. Заедно дегустирајте и разговарјте со детето за тоа како се чувствуваат нашите запчиња кога јадеме здрава храна. Дали се насмеани или тажни.

По завршувањето на ручекот, потсетете го детето да ги измие запчињата за да бидат уште посреќни. Кога ке имате можност заедно слушнете ја и песничката: “Болното запче” – Елена Атанасовска (Калинка 96г.). Разговарајте и објаснете ја содржината на песничката на вашето дете за побрзо и полесно да научи да ја пее.

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа