Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: Запознавање со Пирамидата на исхрана
Цели на активноста :
*запознавање со Пирамидата на храната и правилниот начин на исхрана
*поттикнување и воспитување на здрави навики кај детето
*поттикнување на детето за самостојно вербално изразување на сопствените мисли и идеи
*развивање на моториката на раката преку цртање, сечење со ножички, превиткување на хартија
Потребен материјал: слики, апликации, листови за цртање, боички, ножички, лепак, парче картон или хамер
Тек на активноста:
Во текот на изминатите недели, на наш предлог, а со Ваша помош и соработка, децата се запознаа со опасноста од вирусите. Преку разни активности создаваа културно-хигиенски навики, бидејќи чистотата е на прво место во борбата против болестите. Се запознаа со разни видови спорт и рекреација, бидејќи спортските активности се од суштинско значење за правилен раст и развој на организмот. Сега е на ред да се запознаат со правилниот начин на исхрана.
За таа цел, претставете му ја на Вашето дете Пирамидата на храната (слика 1) и заедно разгледувајте ја, почнувајќи од дното кон врвот. Ставете акцент на големината на нејзините делови. Тие кажуваат во колкаво количество треба да се конзумира храната што е претставена во секој од нив.
Поттикнете го детето самостојно да каже што гледа во првиот дел од пирамидата (вода) и да размисли зошто е толку важно да се пие вода. Преминете на вториот дел (житарици и житни производи) – тие се важни за равивање и правилно функционирање на мозокот, односно нервниот систем. Сега нека наброи кои намирници ги гледа во третиот дел од пирамидата (овошје и зеленчук) и прашајте го какво богатство се крие во овие плодови. Во четвртиот дел се наоѓаат јајцата, месото и млекото кои се важни за мускулите, коските и забите на децата. На врвот од пирамидата се наоѓаат слатките задоволства. Поттикнете го детето да размисли, колкав дел од пирамидата зафаќаат овие продукти и во колкава количина треба да се јадат.
Откако детето се запозна со Пирамидата на храната и правилниот начин на исхрана, предложете му да изработи своја пирамида. Може да користи исечоци од списанија и весници, апликации што самостојно ќе ги нацрта, пластични играчки и слично. Дајте му поддршка и по потреба помогнете му во работата. Пирамидата нека стои на видливо место во Вашиот дом и секојдневно нека Ве потсетува на здравите навики. Користете ја за заедничко креирање на дневното мени и за подготовка на здрави и вкусни рецепти.
Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова