,,КРАЛСТВОТО ЗАПЧЕВСКИ”

Возрасна група: 3 – 4 години

Наслов на активноста:  ,,КРАЛСТВОТО ЗАПЧЕВСКИ” (приказна за детските заби)

Цели на активноста: 

– Да се поттикне детето на стекнување навика за редовно миење на забите;
– Да се збогатува детскиот речник со нови зборови;
– Да се оспособува детето да се изрази со кратки и јасни реченици;
– Да се збогатува емотивното искуство кај децата

Потребен материјал: постер или обична слика на куќа, огледало, четка за заби, паста за заби…

Тек на активноста:

Пред децата демонстрирајте постер или обичен цртеж (слика) на куќа. Разговарајте за куќата:

– ,,Чија е оваа куќа? На кого му служи или кој живее во неа?” (оставете ги децата да размислат и дадат свој одговор)

Со тоа ќе ги мотивирате за учество во разговорот и комуникацијата.

– ,,Преку што влегуваме ние во нашата куќа (стан)?”- одговарот е секако – низ вратата. Погледнете се заедно во огледало и опишете го заедно лицето, задржете се на устата.

Продолжете со разговор:

– Устата не потсетува на врата. Низ неа влегува храната, излегува збор, песна и т.н .Таа се отвора и затвора исто како и вратата. Сега да видиме кој живее во устата, што има во неа ? (Поттикнете го детето на одговор: заби, јазик, грло)

Разговарајте за овие делови, кажете ја нивната функција и задржете се на забите.

Можете да направите и вежба: Јазикот е домаќинка во секоја уста. Тој сака устата да е чиста и здрава, па затоа често поминува низ сите запчиња за да ги исчисти

(поминете со јазикот околу забите)

Но потребна му е помош, а тоа е редовно миење – четкање на забите.

Можете да се упатите во бањата и заедно да ги миете забите, без брзање, демонстрирајќи му како се прави тоа.

Децата на оваа возраст понекогаш го одбегнуваат миењето на забите, затоа што самиот чин ,,миење заби”, се уште не станал навика. Заради тоа вие како родители, должни сте да го потсетувате и поттикнувате на тоа.

Денес ќе ви предложам една приказна која можете да им ја раскажете навечер, пред да одите во бањата.

 

КРАЛСТВОТО ЗАПЧЕВСКИ

Во едно малечко кралство живееше малиот крал Запчевски. Неговото кралство беше чисто и бело. Но еден ден, белото кралство го нападна страшниот змеј Кариес со својата војска. Кралството Запчевски почна да пропаѓа и жолтее. Кариес се насели во белото кралство и никако не можеше да биде избркан. Кралот Запчевски стана тажен, како и неговите пријатели – запчињата. Во својата тага, побара помош од принцезата Бомбона од слаткарницата. Но Бомбона набргу прејде на страната на Кариес.

Потоа, тој затропа на вратата на кралицата Чоколада, но повторно се измами, затоа што и таа застана на страната на Кариес. Запчевски долго размислуваше, тагуваше, а потоа се сети на храбриот војник – Четката за заби и нејзиниот верен сопатник – Паста. Ги повика на помош, а тие со задоволство ја прифатија неговата молба и веднаш започнаа двобој со Кариес. Го исчистија и избелија малото кралство, кое повторно светна во својата белина. Запчевски, храбрата Четка и нејзината сопатничка Паста, станаа неразделни пријатели.

Деца, дали и вие другарувате со Четка и Паста?

(Објаснете ги непознатите зборови и разговарајте за приказната. Доколку им се допадне на децата, раскажувајте им ја).

Наша цел е да ги поттикнеме децата на создавање добри навики, затоа предлагаме соодветни содржини.

Разговарајте и за храната, обрнете внимание на здравата храна.

Како прилог за оваа активност можат да ви послужат и активностите предложени од моите колешки чии содржини (2 – 4  год. возраст) се наменети токму  за забите.

Ви посакувам пријатна дружба и забавно учење низ игра од  дома.

Поттикнете го детето да ја нацрта храбрата Четка и нејзината придружничка Паста, а потоа испратете го цртежот на нашата веб страна. Ќе ни биде многу драго.

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска