Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на акивност: Одбележување на “Ден без автомобили“ – 22.09 – ,,Мојот велосипед“
Цели на активноста:
-Да се развива способноста за самостојно реализирање на едноставни истражувачки активности.
-Стекнување на информации преку набљудување и манипулација, развивање на еколошката свест.
– Согледување на влијанието на човекот кон природата, воочување на позитивните и негативните промени, кои настануваат како резултат на човековото делување.
Потребен материјал: Енциклопедија, сликовница, разновидна хартија, цд дискови, природен материјал, стапчиња, лепак, тапи, копчиња…
Тек на активноста:
Земјата и нејзиниот еко систем се наш дом – затоа треба да ја чуваме. 22 септември е Светски ден без автомобили. Овој ден ја поттикнува нашата одговорност за природата на планетата Земја да остане чиста, незагадена, како да се однесуваме кон истата и што можеме да направиме за да и помогнеме.
Најважно е да се подигне свеста кај децата уште од најмала возраст, дека резервна планета немаме. Затоа разговарајте со вашето дете како може и Вие да допринесете да ја зачувате планетата од загадување. Разговарајте со детето за превозните средства кои не го загадуваат воздухот, со посебен акцент на велосипедот. Разговорот дополнете го со разгледување на слики и читање на сликовници и енциклопедии за историјата на велосипедот, како изгледал некогаш и денес и за тоа колку е здраво да се вози велосипед.
Проширете ги детските знаења за правилата на возење велосипед:
- Пред се задолжително, треба да се носи заштитен шлем на главата
- Да се вози по велосипедска патека и да се почитуваат сообраќајните знаци
- Да се вози со светла кога има намалена видливост
- Заедно со детето изработете – знаци за велосипедистите
Со велосипед се оди насекаде. Може да ја истражувате околината, без да ја загадувате. Запознајте го детето со еден од најтешките спортови – велосипедизам и една од најважните и најтешките велосипедски трки Tour de France.
Предложете му на детето, од понудениот материјал да изработи велосипед, да го нацрта својот велосипед и сл. со што ќе се поттикнат неговите логички размислувања и креативност. Додека ги поставувате изработките, слушајте ја песничката ,,Велосипед и тротинет “ од Златно Славејче 2010, од Јана Златкова.
По повод Денот без автомобил, Ви препорачуваме заедно со детето да изработите еко – пораки и да ги поделите на случајните минувачи, додека возите по велосипедската патека како на пример:
- Оставете го автомобилот зошто ја загадува Планетата Земја!
- Возете велосипед за да бидете поздрави и повитални!
- Велосипедот зафаќа помало место за паркирање!
- Велосипедот не испушта отровни гасови!
- Возете ролерки и тротинети!
Чувајте ја природата, за таа Вас да ве чува!
Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова