‘’Геометрија во кујна’’ – Математичка игра

Возрасна група:   2 – 4 години

Наслов на активноста: ‘’Геометрија во кујна’’ – Математичка игра

Цели на активноста:

  • Поттикнување на способностите за споредување и класификација според боја, форма, големина
  • Поттикнување способности за воочување и именување на основните геометриски форми и фигури (круг, топка, коцка)
  • Поттикнување на способности за користење на математиката во опкружувањето;

Потребни материјали: пластични шаблони со различни геометриски форми (круг, квадрат, триаголник), палачинки (домашните палачинки се повкусни).

Тек на активноста:

  • Сигурно често правите палачинки, но дали понекогаш сте се сетиле дека тие можат да бидат многу добар материјал за уживање во математиката? Палачинките ќе бидат повкусни, доколку ја менуваат формата;
  • Направете поголема количина на палачинки. Ставете една палачинка на вашата чинија и една палачинка на чинијата од детето. Одберете шаблон во вид на триаголник, пресечете ја палачинката со шаблонот и извикајте: “Види направив триаголник на мојата палачинка!“
  • Охрабрете го детето да одбере шаблон и истото да го направи со неговата палачинка. Прашајте го која геометриска форма ја направил. Повторете, доколку детето не може да се сети: „Дали е ова триаголник?“ Наизменично правете го истото со сите шаблони, сѐ додека сметате дека играта му е интересна на детето и дека ужива во неа.  Направете два различни модела и разговарајте, поставувајќи му прашања од типот: „Дали моделите се исти или различни?“ доколку не се исти, прашајте го според што се разликуваат. Избројте ги страните на глас и коментирајте „Твојот триаголник има 3 страни, а мојот квадрат има 4“ или „Чиј триаголник е поголем, твојот или мојот? Побарајте во куќата предмети со различни форми и предмети кои се различни од вашите модели на палачинките. И коментирајте: „Види, хулахопот е тркалезен како кругот на палачинката, итн.“
  • Оваа активност му помага на вашето дете да разликува форми, да ги споредува по форма и големина, да препознава сличност или разлика помеѓу предметите.

Подготвила – Наташа Бинова