Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: КАКО СЕ ПРЕНЕСУВААТ МИКОРООГАНИЗМИТЕ– експеримент
Цели на активноста:
– да се запознае со светот на микроорганизмите и патот по кој тие се пренесуваат и се внесуваат во човечкото тело;
– да се поттикне разбирањето на релациите мало-помало-најмало;
-да се поттикне разбирањето на причинско – последичните врски: микрооорганизми – болест – хигиена;
Потребни ресурси: светкава прашина, енциклопедии за деца, комјутер, ликовен материјал (лист од блок, боички, молив, фломастери, четки за сликање, темперни или водени бои)
Тек на активноста:
Пред да го работите овој експеримен, предлагам да ја реализирате откривачката игра „Детективот Дланковски“ објавена на нашата веб страна, која вашето дете ќе го воведе во светот на микроорганизмите.
За поуспешна реализација добро би било, во експериментот да се вклучат повеќе членови од вашето семејство: тато и мама, баба и дедо, братче и сестриче…
Започнете со тоа што детето ќе ги измие убаво рацете. Во меѓувреме вие на вашите дланки од внатрешната страна истурете светкава прашина во боја. Прашајте го детето дали неговите раце се чисти. Ракувајте се со него, а потоа дајте му да фати во раката некоја играчка со мазни површини. Предложете му играчката да ја сподели со некој од членовите на вашето семејство. Поттикнете го, суптилно, со истата рака да се допре по устата или носот. Прашајте го уште еднаш дали неговите раце се сеуште чисти. Очекуваниот одговор би бил „ДА“. Потоа насочете го да си ги погледне своите дланки. Кога ќе ги забележи светките, истажувањето породолжете го на играчката, па на дланките на тој што ја добил играчката од него (можете да користите и лупа). Детето ќе го забележи патот по кој се движеле светките – од негоите раце на предметите околу него, а од тие предмети на рацете на други. Ако во меѓувреме се допрело по лицето, нека се погледне во огледало за да ги види светките на своето лице. Откријте му дека се потекнува од вашите дланки, дека само со едно ракување со некој со валкани реце се изложуваме на ризик за контаминација од околината.
Започнете разговор за микроорганизмите. Објаснете му на детето дека тие се тука, околу нас, дури и во воздухот кој го дишеме, но ние не можеме да ги видиме зошто се многу мали, помали и од најмалата светка која се најде на неговите раце. Толку мали што со нашите очи не можеме да ги видеме, туку се гледаат само преку микроскоп. Објаснете му го зборот МИКРО. Разгледајте некоја енциклопедија или предложените слики. Објаснете му на детето дека некои микроорганизми се корисни за нас луѓето и за природата (како што се бацилите за ферментација на кисело млеко и сирење), а некои се штетни и не разболуваат. Воведете ги во неговиот речник зборовите бактерии и вируси. Објаснете му дека тие во нашетео тело влегуваат преку устата и носот од воздухот кој го дишиме, од храната која ја јадеме и од се’ друго што ставаме во уста. На крајот поттикнете го вашето дете, самото да заклучи колку е важна хигиената за заштита од болести.
Завршете ја активноста со ликовно изразување „Како ги замислувам вирусите и бактериите“ со ликовна техника по ваш избор (цртање со молив, фломастери, дрвени боички или пак сликање со темперни или водени бои).
Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ