Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: Дружење за време на корона
Цели на активноста:
–усвојување на нови правила и норми на однесување за време на пандемија
-да се поттикнува детето кон изнаоѓање на креативни начини за комуникација и дружење со врсниците
-да се поттикнува и оспособува за искажување на своите идеи на повеќе начини
-да се поттикнува да ги препознава и опишува дозволените и недозволените начини на игра и комуникација, според општите препораки за заштита од Корона вирусот
Потребен материјал: слики, едукативни материјали за заштита од вирусот
Тек на активноста:
Со оглед на тоа што пандемијата трае веќе подолг период, децата се запознаени со опасноста од заболување со Корона вирусот. Родителите постојано ги советуваат и потсетуваат дека треба да носат заштитна маска, редовно да ги мијат рацете, да не се допираат по устата, носот и очите, но најважно од сѐ е дека не треба да се доближуваат блиску до другарчето, односно да играат на далечина.
Тука се поставува прашањето: Како да се однесуваме на забава? Како да се однесуваме во парк? Како да се дружиме на далечина?
Преку прашања, слики, едукативни материјали и видеа, поттикнете го Вашето дете да размисли и да изнајде креативни решенија на овие предизвици. Наместо да играат во својот дом, да ги делат играчките и да играат доближени еден до друг, би можеле да возат велосипед или тротинет во паркот, да скокаат на јаже или поголема група деца да направат голем круг, во кој ќе си ја подаваат топката со нога, наместо со рака.
Се поставува и прашањето за роденденските забави, кои досега се одвиваа во игротеки или домашни услови, каква забава ќе направиме сега?
Смислете со Вашето дете некоја интересна забава, која ќе ја реализирате на пример на планина, каде што децата ќе истражуваат и ќе ја доживуваат природата со сета нејзина убавина или пак во блискиот парк, каде што ќе ораганизирате некои натпреварувачки игри за гостите, на пр. кој ќе собере повеќе камчиња или стапчиња или кој може побрзо да истрча одредено растојание и слично.
За детето може да биде предизвик и случајна или договорена средба со некое другарче, со кое веднаш би се гушнало. Но мора да биде претпазливо и да ја одржи препорачаната дистанца. Охрабрете го да измисли некој нов поздрав, како што е поздрав со тупаница или пак подигнат палец („лајк“), поздрав со лакт или стапало, поставување на дланките во форма на срце, испраќање бакнеж, војнички поздрав, поклонување и многу други, преку кои ќе му стави до знаење на другарчето дека го сака и ја сака дружбата со него.
Поддржете го Вашето дете во истражувањето, осмислувањето и креирањето на нови игри и игровни активности на дистанца и не двоумете се да ги споделите со нас и нашите другарчиња.
Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова