Наслов на активноста: „Разнобоен дожд“ – Истражувачка игра
Цели на активноста:
-Да се поттикне кај детето потребата, за користење на истражувањето како форма на учење
-Поттикнување на интерес кај детето, за откривање нови нешта како и користење на разни видови на информации
Потребни материјали: стаклена чаша, дрвено стапче, прехрамбена течна боја, растително масло, стаклен бокал, вода…
Тек на активноста
Летото е период кога и се препуштаме на забавата, но исто така забавувајќи се, можеме да научиме нови интересни работи. Да почнеме!
Во висока стаклена чаша, ставете растително масло и во него капнете неколку капки течна прехрамбена боја. Измешајте енергично со дрвено стапче. Маслото и капките прехрамбена боја не се мешаат меѓусебно, формираат емулзија. Истурете ја мешавината, во поширок стаклен бокал со вода. Маслениот „облак“ ќе ослободи поплава од обоен „дожд“. Маслото и водата не се раствораат меѓусебно, така што течностите остануваат одвоени. Кога обоените капки ќе ја достигнат границата масло-вода, тие се ослободуваат во водата и дури тогаш ќе го видите обоениот „дожд“ и во убав сончев ден J.
Разговарајте со вашето дете, поттикнете го да прашува за нејасните работи. Зошто маслото и водата не се мешаат? Која течност е погуста?…
Ви посакувам пријатна забава!
Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ