Музика – Едукативно видео “Музички инструменти”

Музика – Едукативно видео Музички инструменти

 Цели:

  • Поттикнување на способноста кај детето за слушање, истражување, подржување и препознавање на звуци на одредени инструменти;
  • Развивање и негување на љубов кон музиката
  • Препознавање на музичките инструменти
  • Запознавање со карактеристиките на музичките инструменти

Пијано (неформално наречено и клавир) е музички инструмент со клавијатура која содржи 88 (52 бели и 36 црни) клавиши,чие притискање произведува звуци. Пијаното е еден од најпретпознатливите и најпопуларните инструменти во светот поради својата повеќенаменска природа.

Виолина e гудачки инструмент која има 4 жици. Tаа е најмалиот инструмент во семејството на гудачки (жичени) инструменти, каде  уште спаѓаат и виолата, виолончелото и контрабасот. Виолината се смета за мајка на музиката.

Електрична гитара е жичан инструмент, која има 6 жици. За да произведе звук, потребно е гитарата да биде приклучена преку заслилувач (појачало). Електричната гитара, најмногу е застапена  во рок и поп музиката, а поретко и во класичната.

Харфа е жичан инструмент, која има 46 жици и форма на тристрана рамка. Се свири со повлекување на жиците со прстите од двете раце. Некои жици се црвени или сини, што се олеснува свирењето на изведувачот. Харфата има богат звук. Најмногу се користи во оркестарот, но исто така и како соло инструмент.

Виолончелото е музички инструмент кој спаѓа во групата на гудачки инструменти и има 4 жици. Тоа по форма е исто како виолината, но големината му е речиси двојно поголема и изведувачот свири во седечка положба.

Саксофонот е дувачки инструмент, направен од метал. Тој има карактеристична форма на цевката, која е свиткана во почетокот и завршетокот со издолжена инка подигната нагоре. Саксофонот е конструиран за потребите на воената музика.

Гитара е жичан музички инструмент, која има 6 жици, кои можат да бидат метални или пластични. Гитарита со метални жици се свири со прсти и перце, додека гитарата со пластични жици се свири со прсти. Таа најчесто се применува во рок музика.

Тапани се сет ударни инструменти, составени од повеќе различни големини на тапани и чинели. Изведувачот при свирење користи дрвени стапчиња за произведување на звукот.

Ксилофон спаѓа во групата на ударни инструменти и е сличен на вибрафонот, само што плочките му се дрвени. Изведувачот користи 2 или 4 дрвени стапчиња за произведување на звукот.

Хармоника е музички инструмент со клавијатура или копчиња. Музичарот на хармоника, со раце го шири и собира мевот, додека со прстите свири на клавишите. Хармониката најчесто е фолклорен инструмент, популарен ширум светот, но се сретнува и во различни музички стилови.

Труба е лимен дувачки инструмент, изработен од метал и бронза. Трубата има повеќе видови и облици. Најчесто се употребува во воени оркестри.

Флејтата е дувачки инструмент, каде звукот се произведува со струење на воздух низ отворите. Разликуваме вертикална (блок флејта) и хоризонтална флејта. Има благ, светол и идиличен звук. Флејтата најчесто се изработува од коска, дрво, метал и пластика.

Кларинет е дрвен дувачки инструмент,  со усник во облик на клун, цевка од 4 дела, кои се вовлекуваат еден во друг и завршен дел во вид на инка. На цевката се наоѓаат голем број на отвори, од кој еден дел се покриваат со врвовите на прстите, а другите се затворени. Кларинетот спаѓа меѓу највиртуозните инструменти.

Оркестар е голем инструментален ансамбл, типично за класична музика и се состои од гудачки и жичени инструменти, како и дрвени дувачки, лимени дувачки, удирачки инструменти – групирани во посебни секции.

Драги родители, заедно со Вашите деца, слушајте го видеото и разговарајте за инструментите кои ги слушате. Додека го слушате видеото, објснете им на децата, дека постојат повеќе видови на инструменти кои се разликуваат по многу нешта. Откако ќе го слушнете видеото, забележете кој инструмент му оставил најголем впечаток на детето и како го доживува звукот на тој инструмент. Играњето со музички играчки и свирењето на музички инструменти, ги учи децата на внимание, фокусирање на слушање музика и развивање на концентрацијата. Покрај тоа, познато е дека децата кои свират некој инструмент, имаат многу поголема самодоверба.

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев