Наслов на активноста: Истражувачка активност во кујна „Вкусни колачиња“
Цели на активноста:
-Да се развива способност и вештини за користење на сетилата, како основа за размислување и поврзување на знаењата
-Да се поттикнат и развиваат мисловните процеси (заклучување, помнење, логичко поврзување на знаењата)
-Да се поттикне кон активно учење низ процесот на истражување, како и градење на лични процеси на учење
Потребни средства: поголем тркалезен сад, дрвена лажица, фолија…
Потребни состојки за колачите:-500-гр. бисквити (мелени)
-150-гр.мелени ореви
-150-мл.млеко
-200-гр.путер
-200-гр.мелен шеќер
-200-гр желе бомбони (сецкани)
-100-гр.суво грозје или некое друго суво овошје
-100-гр.чоколадни трошки за украсување
Забелешка: путерот, шеќерот и млекото, заедно се топат, а потоа се додаваат сувите состојки и се мешаат со дрвена лажица, за на крајот да се оформат топчиња – бомбици, кои се валкаат, односно украсуваат со чоколадни трошки .
Многу моменти од секојдневниот живот, може да ги искористите како моменти за игра и учење. Подготовката на колачиња е еден од таквите ситуации. Наместо да мислите како да го натерате детето да биде мирно, додека работите во кујна и да не ви пречи во работата, поканете го да ви помогне и да учествува заедно со вас во работата.Така детето ќе биде задоволно, ќе си игра, а при тоа ќе научи многу нови работи и ќе стекне позитивен однос кон храната и готвењето.
Оваа активност, ќе му помогне на детето да научи мерки, како и да научи да следи инструкции. Разговарајте со детето, за сите состојки што се потребни за да се направат колачињата и заедно измерете ги истите. Замолете го детето да ви помогне заедно да ги сомелете бисквитите и оревите. Дозволете му на детето да набљудува како се топи путерот и како од цврста маса добива течна форма. Кога е на топло – нека меша со лажицата – тоа ќе му причинува посебно задоволство. Во следниот чекор дозволете му, да ги додава сувите состојки (бисквитите, оревите, желе бонбоните, сувото овошје). Сега подгответе се за завршниот дел и на фолија, редете ги готовите бомбици, кои заеднички ги подготвивте. Напоменете му дека, рацете секогаш треба да бидат чисти и убаво измиени кога се готви во кујна, па тоа направете го заедно пред да почнете со оформување на колачињата. Бодрете го детето, меѓу дланките да моделира правилни топчиња, а потоа внимателно да ги тркала низ чоколадните трошки и да ги реди на подготвената фолија.
Кога колачињата се бидат готови, побарајте од вашето дете да ги изброи, а потоа ставете ги во ладилникот.Така ќе го научите детето на трпеливост, додека ги чека колачите да се изладат, за да ги проба.
Пријатна забава и на здравје!
Подготвил: Воспитувач – Анкица Поповска