“УМЕТНОСТ ОД СЕНКИ”

Наслов на активностите: УМЕТНОСТ ОД СЕНКИ

Креативноста  не подразбира дека Ви требаат премногу прибор за цртање или сликање. Всушност, се што Ви треба е сонце, сенка и начин како да ја “фатите” таа сенка.

Уметност од сенки може да биде многу забавна активност, која ќе ја развива фантазијата, креативноста и уметничкото око, кај Вашето дете. Таа со сигурност, ќе ги инспирира Вашите најмали. Е сега, сигурно се прашувате – кое време од денот е најдобро за оваа уметност? Одговорот е лесен – било кој дел од денот кога има сонце, а предметите ја покажуваат нивната сенка. Убавината во оваа уметност е тоа што, можете секогаш и секаде да ја користите, без разлика на годишното време. Се што Ви треба е сонце, односно светлина. Еве неколку примери за најчестите и најинтересни начини за создавање уметност од сенки..

УМЕТНОСТ ОД СЕНКИ ОД ОМИЛЕНИ ИГРАЧКИ

Оваа техника можете да ја започнете така што, ќе му предложите на Вашето дете, неговите омилени играчки да ги нареди надвор во дворот, на терасата, на прозорецот или било каде во Вашиот дом или надвор каде што допираат сончевите зраци, а на земјата позади играчките, поставете бела хартија. Потоа предизвикајте ги децата, така што ќе побарате од нив да ја следат со молив линијата на сенката од играчките на белиот лист, пред  сонцето да се помести  Кога ќе бидат готови, белиот лист ќе личи на една  од нивните омилени играчки, која тие сами ја направиле.

УМЕТНОСТ ОД СИЛУЕТА НА ПОРТРЕТ

За оваа активност ќе Ви биде потребно, лист хартија кој ќе го залепите на ѕидот. Пред листот поканете го Вашето дете да седне или пак  Вие седнете или пак земете некој предмет. Доколку не допира светлина на ѕидот, искористете батериска лампа, за да добиете сенка од профилот или предметот и почнете со исцртување. Доколку сакате, избојте ја добиената сенка на листот или пак Вашето дете нека ја  исече со ножички по линиите.

 

УМЕТНОСТ ОД СЕНКИ СО КРЕДА 

Некои деца многу сакаат кога ,,ја бркаат,, својата сенка, додека се движат. Други се фасцинирани од тоа како сенката се менува, во зависност од движењето на сонцето. На овој начин Вашите деца учат, како настанува сенката. Помогнете им да ја ,,уловат,, својата сенка, со помош на исцртување на тротоарот со креда на сенката од нивните тела – неколку пати во различни позиции кои ги прави сонцето со сенките од предметите (во случајов телото од децата) како што и тоа ја менува позицијата на небото.Така децата ќе ја видат промената и разликата на сенките во природата.

УМЕТНОСТ ОД СЕНКИТЕ ВО ПРИРОДАТА

Кога шетате со децата во природа или во парк, земете поголем лист и молив со вас и задржете им го вниманито на дрвјата и нивните гранки и лисја и на тоа колку се тие  прекрасни. Поставете го листот до дрвото и набљудувајте, како Вашето дете создава уметност, исцртувајќи ги сенките на гранките, стеблото и лисјата или пак оградата од дворот.

Како надополнување на овој вид на уметност, исто така можете да  испринтате неколку работни листови, на кои од децата ќе побарате да ги препознаат сенките на оригиналните предмети и да ги поврзат со молив со своите копии, односно сенки.

 

Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска