Која форма каде припаѓа? – Истражувачка игра со различни геометриски форми

Наслов на активноста:  Која форма каде припаѓа?Истражувачка игра со различни геометриски форми

Цели на активноста:

– да се поттикне потребата за користење на истражувањето како форма на учење.

– да се поттикнат логичко-мисловните функции кај детето при активноста.

– да се поттикнува детето да учи преку игра.

– да се поттикнува да ја користи својата креативност во секојдневни ситуации.

Потребен материјал: картонска амбалажа, ножички, листови хартија во боја, математички логички плочки.

Tек на активноста:

Драги родители, денешната активноств Ви ја предлагам, бидејќи со неа децата ќе се потсетат, а воедно и ќе ги продлабочат знаењата за видовите на геометриски форми. Оваа активност е одлична бидејќи го зајакнува вниманието и концентрацијата, а воедно ги поттикнува и мисловните процеси кај детето, го поттикнува неговиот развој и влијае на истрајноста кај децата. Се поттикнува детето да ја користи својата истражувачка моќ и креативност во секојдневните ситуации.

За реализација на оваа активност потребна ви е картонска амбалажа на која што ќе треба да исечете неколку отвори со различни математички геометриски форми. Исто така ќе треба, од листови со различна хартија во боја, да исечете различни геометриски форми, но со многу помала големина.

Оваа активност може да ја реализирате и со помош на математички логички плочки. Имено, во зависност од видот на геометриската форма, детето ќе треба да ја вметне помалата форма на соодветно место и на тој начин да го пополни празниот простор.

Како следна игра, ви ја предлагам играта во која што детето од истите геометриски форми би можело да направи, односно да истражува и конструира различни фигури како на пример куќа, воз, автомобил, камион, маче, куче, глувче и сл. и на тој начин да ја покаже својата креативност. Во текот на активноста, пофалете го Вашето детенце за неговото дело, со зборови  кои што ќе го поттикнат уште повеќе да игра и да се рекреира.

Играјте, креирајте, едноставно забавувајте се заедно!

Еве неколку примери кои што можеби ќе ви послужат да конструирате нешто интересно!

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска