Истражувачка активност  – ,,Растворливост на одредени супстанци во вода” / “Плута – тоне”

Наслов на активноста: Истражувачка активност  – ,,Растворливост на одредени супстанци во вода/ Плута – тоне

Цели на активноста:
-Да се поттикне потребата за користење на истражувањето како форма на учење;
-Поттикнување на интерес кај детето за откривање нови нешта, како и користење на разни видови на информации;
-Да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложени задачи и да истрајува во истите;

Потребен материјал: стаклени чаши, вода, непропустлива подлога, лажичка, најразлични нетоксични супстанци ( сол, шеќер, брашно, леќа, млеко во прав, масло за готвење, разновини зеленчуци, овошја…) длабок сад, хартија, течен сапун,…

Тек на активноста

Целта на оваа активност е детето преку експерименти да истражува, да може да препознае одредени својства на супстанци – кои ги користиме во секојдневната употреба, се подразбира и нивната растворливост во вода.
На самиот почеток, мошне е важно на детето да му обезбедите доволно нетоксични супстанци кои ги користите, како и супстанци што не опкружуваат, а истите детето ќе ги користи во својот експеримент.

Токму така Почитувани, на Вас останува на детето да му ги понудите потребните материјали, а воедно и да го насочите, охрабрите и предизвикате да истражува, осознава и заклучува. Потребно Ви е (шеќер, сол, брашно, песок, земја, ориз, кафе, цедевита…), маса заштитена соодветно со најлон или друг непропустлив материјал, а над подготвената подлога стаклени чаши со вода и лажица за манипулација во овој експеримент. Колку понудени супстанции имате Почитувани, толку чаши Ви се потребни. Поттикнете го детето, мотивирајте го, после секое мешање на супстанцата со вода да набљудува што се случува, целиот тој процес – што се раствара побрзо што побавно, а што воопшто не се раствара, со или без дополнително промешување. Охрабрете го детето да ја забележува густината – што се случува со додавање на поголема количина од конкретната супстанца, дали има промена во бојата – ЗАКЛУЧУВАЈТЕ. Во текот на активноста, а и воопшто во секој сегмент од детската љубопитност, пофалете го детето, воздигнете го, поттурнете го, мотивирајте го – да чекори само НАПРЕД. Овие активности може да се реализирааат во повеќе нивоа на комплексност, согласно возраста на детето.

Ако Вашето дете е поголемо, или можеби имате чувство дека неговата љубопитност не запира – ПРОДОЛЖЕТЕ, понудете му – два длабоки сада во различна боја и се што се наоѓа околу Вас (овошја, јаткасти плодови, зеленчуци, бомбони, смоки…). Целта е детето да забележи, што лебди над водата, а што тоне (побавно тоне или побрзо), согласно заклучокот да направи селекција на едните и другите во два различни сада. ПРОДОЛЖЕТЕ ако ставите сол во водата… не се сомневам во Вашата амбиција, креативност, уникатност и неисцрпност од идеи и аспирација за истражување.

И како и секогаш Почитувани, Ве очекувам со Вашите уникатни истражувачки комбинации и ЗАКЛУЧОЦИ. За Вас најупорните, во продолжение следат идеи плус, проследете ги… ВЕ ПОЗДРАВУВАМ до следното дружење.

 

Подготвил: Воспитувач – Јасмина Трпчевска