Наслов на активноста: ,,Што треба да облечеме кога е..? – Манипулативно -истражувачка игра
Цели на активноста:
-Развивање на мисловниот процес, вниманието, концентрацијата и помнењето кај детето
-Поттикнување на природната љубопитност на детето, низ процесот на истражување;
-Поттикнување на ведро и весело расположение;
-Негување на чувство на задоволство од постигнатите резултати
Потребен материјал: бели листови од блок, фломастери или восочни боички, слики на облека, слики на животни, ножицки, лепак…
Тек на активноста
Еве како да го поминете денешниот ден, а да не ви биде досадно.
Вклучете го вашето дете во играта: Што треба да облечеме кога е..? (ноќ, ден, студено, топло, кога врне…), но претходно треба добро да се подготвите.
За оваа активност, потребно е да се направи поголема подлога од хартија која ќе го покаже телото на детето представено во форма на квадрат. На него, детето ќе ги става подготвените слики на облека (може да се нацртани или залепени готови апликации), спрема нивната употреба во одредено време во денот или годишно време. На самиот лист, ќе се додадат сликовни ознаки, кој ќе му помогнат на детето, да разбере за кое годишно време станува збор или временска прилика, како би можело детето да го ,,облече“ нацртаниот лик на соодветен начин. Дадените слики се измешани, така што детето спрема ознаките на подлогата ќе ги класифицира.
Оваа активност ќе биде уште поинтересна, ако имате можност да ја изведете на отворено – во двор.
Помогнете му на вашето дете, насочете го така што ќе му поставувате прашања, а доколку не е сигурно ќе му помогнете со одговорот.
Истата игра може да се игра на истиот начин, само со дадена друга тема: Кој што јаде од домашните животни?
Подготвила: Воспитувач – Теодора.С.Петковска