„МАНДАЛА – уметност и медитација“ – Mанипулативна игра

Наслов на активноста: „МАНДАЛА – уметност и медитација“ – Mанипулативна игра

Мандала или „Светиот круг“ со векови се користела во многу култури и религии за визуелна медитација и уметничко творење. Ви ја предлагам, како креативна алатка, за фокусирање на умот на детето и вежбање присутност во сегашниот момент. Додека работи на неа, детето може да ги истражува своите мисли и емоции на креативен начин, да го смири умот и тивките негативни мисли, да ја препознае врската помеѓу умот и телото. Препорачувам децата да ја работат со слушање на соодветна смирувачка музика.


 
Покрај вежбање на самосвест, додека ја  работи својата мандала, детето ја вежба фината моторика, сензорната перцепција и осознава за симетријата како ликовен елемент.

Многу лесно може да се интегрира со околината  со менување на ресурсите. Ако сте во природа користете разнобојни камчиња, ливчиња, гранчиња, цветови, шишарки, а круговите нацртајте ги со креда.  На плажа користете камчиња, разновидни школки, а круговите нацртајте ги во песокот. Во домовите користете математички плочки, пластични тапи од шишиња, разнобојни копчиња…. Во вашата кујна користете разновидно овошје или зеленчук, јаткасти плодови, бомбони….

Добро е детето да почне да ја составува од центарот кон надвор и ако забележите дека му се намалува вниманието, насочете го да го врати своето внимание назат во центарот. Кога детето ќе ја заврши својата мандали, поттикнете го одредено време да го набљудува своето дело во тивко размислување.

Цели на активноста:

  • Да се развива самосвеста преку истражување на сопствените мисли и емоции;
  • Да се поттикнува развојот на сензорната перцепција (визуелна, тактилна, аудитивна);
  • Да се сензибилизира креативното творење, преку изразување на своите несвесни процеси на безбеден простор;
  • Да се воведува во светот на ликовната уметност, преку осознавање на симетријата и композицијата како ликовни елементи;

Потребен материјал: кружен картон или хартија, на кој има нацртано неколку концентрични кругови и ресурси кои ќе се користат за редење: капачиња од шишиња во разни бои, камчиња во реазни бои и големини, разни видови на школки, копчиња во разни бои и големини, пластични коцки, математички плочки, јаткасти плодови, разновидно овошје, бомбони…

Тек на активноста: Подгответе ја подлогата за работа на која има неколку концентрични кругови и ресурсите за редење кои сте ги избрале. Потрудете се ресурсите да имаат тематска целина, да се разнобојни и во доволна количина. Насочете го детето да почне со редење од центарот – најмалиот круг, кон надвор. Поттикнете го, да ги комбинира ресурсите така да формира симетрична композиција, секој круг со одредени ресурси. Пидружете му се во играта и заедно креирајте го вашето уметничко дело. Работете во тишина и внимание. На крајот, додека детето ги собира  предметите кои се користеле, вежбајте малку математика. Детето нека ги селектира по вид, боја или големина и нека ги изброи.

Сликајте го своето дело, споделете го со нас и чувајте се.

Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ