„Истражувам и ликовно се изразувам“ – Ликовно истражувачки игри

Наслов на активноста:„Истражувам и ликовно се изразувам“ – Ликовно истражувачки игри

Цели на активноста:

-Да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и останат неликовен материјал;

-Да стекне ликовни вештини за контрола и координација на движењето на раката при користење на приборот за разни ликовни техники;

-Да се поттикне преку користење на ликовните техники, да ги изразува своите мисли и чувства

 -Да се поттикнат способности за користење на истражувањето, во стекнување на нови знаења и искуства

-Да се оспособува за користење на истражувањето како форма на учење

Потребен материјал: пластични чаши, пластичен сад, лакови за нокти, вода, четки во различни големини, кофичка за вода…

Тек на активноста

Децата најмногу уживаат кога прават активности поврзани со ликовната уметност. Затоа можете да им предложите една многу интересна активност, со несекојдневна техника на работа.

Во еден пластичен сад, наполнете млака вода и ставете ја на масата. Потоа ви се потребни лакови за нокти, во различни бои. Дозволете му на детето да истура лак во водата во различни бои. Може да истураат еден по еден лак, така што би се добиле концентрични кругови. Потоа дајте му на детето чепкалка за заби или цевка  и оставете го да си поигра со боите и облиците на површината на водата. Откако ќе направи одредена шара од лакови во водата, потребно е пластичната чашка делумно да ја стави во водата или да ја превртува по површината на водата, така што би ја отсликале направената шара на чашата. Оваа постапка трае неколку секунди, а потоа обоената чашка се става на хартиена подлога, за да се исуши. Откако ќе се исуши убаво, доколку останале некои делови од чашката необоени, може да се отсликаат на ист начин или со некоја друга ликовна техника. Со оваа ликовна техника, брзо и лесно се отсликуваат предмети за секојдневна употреба, а шарите кои се добиваат се уникатни и неможат да се повторат.

Сликање со вода е исто така многу интересна, а и поучна активност. Оваа активност можете да ја реализирате на сончево и топло време. Излезете во вашиот двор, на тротоарот, или одете до најблиското игралиште. Наполнете вода во една пластична кофичка и дајте му на детето четки во различни големини. Дозволете му да црта по плочникот со четките, на зададена или слободна тема. По одредено време, насочете му го вниманието на детето кон цртежот кој го наслика со четките и водата на плочникот. Тоа ќе забележи дека неговата водена слика полека исчезнува, а вие објаснете му на детето дека водата испарува на топло време (при загревање на плочникот од сонцето).

Со оваа активност ќе се развие фантазијата и слободното ликовно изразување на детето, но и овозможува осознавање на природните процеси во природата т.е испарување на водата.

Подготвила: Маријана Гиразова