Манипулативно – математичка игра “Гасеница – Копчарка”

Наслов на активност: Манипулативно – математичка игра Гасеница – Копчарка

Цели на активноста:

-Развивање и јакнење на фината моторика, прецизност, трпение, истрајност, креативност во изразувањето и усовршување на манипулативни вештини и умеење.

-Стекнување знаења преку конкретно набљудување, откривање, резонирање и манипулирање со предмети, поврзано со основните математички поими и релации.

-Развивање на мисловните процеси /анализа, насочено внимание, помнење, логично поврзување, заклучување…/ преку процесот на сетилно учење и практична работа.

Потребни материјали: ленти /од текстил, волница, разновидни јажиња, пантлики…/, големи копчиња, форми, облици и апликации од разновидна хартија, дрвени, гумени и пластични форми, тестенини и свежи плодови.

Тек на активноста:

Почитувани, Вие и вашето дете стоите покрај прозорецот или на тераса, набљудувате и зборувате за убавините на цвеќињата, инсектите, птиците и природата во пролет.

Спонтано кажувате брзозборка: “Гасеница”

Бре, бре, бре,
Гасеници ене две.
Час, час, час,
прв ги видов јас.
И, и, и,
ајде најди ги и ти!

Заедно, повторувајте ја неколку пати, со постојано менување на темпото и брзината на говорот, со што ненаметливо ќе создадете весела и игрова атмосфера.

Потоа, предложете му на детето да изработите своја шарена гасеница и понудете материјал за работа. Истовремено покажувајте – опишувајте и доближете ја играта до детето.

ОПИС: Гасеница – Копчарка е составена од лента /текстил, јаже, волница, пантлика /која на својот крај има прицврстено големо копче /поточно тоа е телото, со главата на гасеницата/ и голем број разновидни форми и материјали кои на својата средина имаат отвор – доволно голем, да се ниже – провлекува лентата /телото на гасеницата/. Практично работете, демонстрирајќи начин на нижење – провлекувајќи форми и користејќи двонасочна комуникација. Охрабрувајте го детето на активност. Постојано објаснувајте, покажувајте и потикнувајте на подржување на основните просторни односи, опишувајте и класифицирајте го понудениот материјал по боја, форма, дебелина, состав…, но со целосно подржување на детската самостојност, иницијативност, креативност, творештво, умешност при нижење и манипулативни вештини.

Но нагласувам, со ГОЛЕМ респект кон возраста и можностите на секое дете. Токму затоа и поголемите деца, добиваат посложени насоки на нижење и провлекување на поситни и поразновидни манипулативни материјали.

Готовите изработки, нека станат дел од детските играчки и поттикнувач за безброј нови манипулативни и креативни игри.

Подготвил: Воспитувач – Бубе/Љубица Тасковска