Наслов на активноста: „Ајде да играме“
Цели на активноста:
–Развивање на логичкото мислење и оспособување за решавање на едноставни проблемски ситуации
-Да се подржува детето во истрајноста при процесите на учење и откривање
-Поттикнување на детето за учество во друштвени игри
Потребен материјал: ликовен материјал – темперни бои, четка, фломастери, камчиња, шпатули, картон, тврда хартија, лист од блок, ножички.
Тек на активноста:
Заедно со детето разговарајте за игрите од вашето детство. Кои игри ги игравте Вие, која игра Ви беше омилена и што најмногу сакавте да правите кога Вие бевте деца.
Предложете му на детето да ја играте познатата логичка игра од вашето детство X-0 (tic-tac-toe) која е игра за двајца и се игра на лист хартија со молив. Но, за играта да биде позабавна, можете истата игра да ја играте со камчиња. Доколку времето е убаво, излезете со детето надвор за да соберете камчиња, кои подоцна ќе ги украсите и обоите по желба на детето. Пред да почнете, објаснете му ги правилата на играта на детето: секој играч добива по 3 камчиња, оној кој ќе успее хоризонтално, вертикално или дијагонално да ги поврзе своите камчиња, тој е победник. Потоа во двор со креда (или на некој необичен материјал) обележете ги полињата и започнете со играта. Верувам дека вие и вашето дете ќе се забавувате и ќе успеете да го поттикнете логичкото размислување кај детето.
Уште една забавна игра, која можете да ја направите заедно со своето дете е сложувалка со геометриски форми. Ова е математичка активност, која му овозможува на детето да решава проблемски ситуации, а истовремено ја вежба истрајноста и креативноста. Овој вид сложувалки се наменети за индивидуална работа. Тие се прават од тврда хартија, картон, а може да користите и шпатули. Заедно со детето ќе нацртате геометриски форми, ќе ги обоите, а потоа детето може да почне со составување на сложувалките.
Исто така има уште една игра со сложувалки, каде детето преку цртеж ќе состави сложувалка, како што е прикажано на сликата.
Забавувајте се, дружете се, играјте и овозможете му на детето среќно и весело детство, исполнето со убави моменти кои ќе ги памети.
Подготвил: Воспитувач – Ивона Јанкоска