Наслов на активноста: „Што му е потребно на растението за да расте? – Истражувачка игра
Цели на активноста:
-да се поттикнува упорноста на детето да стекнува нови искуства низ активности на истражување
-да се поттикнува детето кон поставување прашања за непознати нешта во текот на набљудувањето
-да се поттикнува детето, да го користи стекнатото искуство во процесот на учење
Потребен материјал: 3 зрна грав, 3 пластични чаши, вода, бележник…
Тек на активноста
Пролетта е вистинско време да научиме, како се садат растенијата и што се им е потребно да растат. За таа цел ќе ви предложам, дома, заедно со вашите деца, да направите еден мал експеримент, преку кој ќе се запознаете со процесот на растење и развивање на едно растение, а во исто време да направите разлика или да споредите што би се случило со растението доколку ги нема истите услови.
Земете 3 пластични чаши кои предходно ќе ги наполните со земја и три зрна грав. Со прстот направете мала дупка во земјата во сите три чаши и ставете во нив по едно зрно грав и навадете ги со вода. Ако знаеме дека на едно растение за да се развива правилно, му се потребни сончева светлина и вода, првата чаша ќе ја ставите на светло место во домот, каде најмногу допира сончева светлина. Потоа, за да ја видите разликата кај оние растенија што ги немаат истите услови, втората чаша ќе ја ставите на некоја полица, до која стигнува слаба сончева светлина, а третата чаша ќе ја оставите на темно место без светлина.
Трпеливо ќе ги набљудувате растенијата во деновите што следуваат, со ваша помош, ќе ги забележувате разликите. Би ви предложила да направите бележник, во кој на три посебни листа обележани како Гравче 1, Гравче 2, Гравче 3, секојдневно ќе го запишувате тоа што го забележувате, за на крај да дојдете до вистинскиот заклучок.
Преку истражувачките активности, децата стекнуваат трајни знаења.
Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ