„Покриј ја линијата“- Дидактичко – моторичка игра

Наслов на активноста:„Покриј ја линијата“- Дидактичко – моторичка игра

Цели на активноста:

*да се поттикне кон развивање на координираност помеѓу окото и раката со користење на различни материјали

*да се збогатуваат сетилните искуства, преку допирање на различни материјали

*да се поддржува во настојувањата да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа

*да се поддржува детето во настојувањата да истрае во игри и активности кои бараат поголемо внимание

Потребен материјал: листови од блок или поголемо парче хартија, фломастери, поголем плиток сад со сол, ситни камчиња, школки, копчиња, мониста, бисерчиња, сламки за сок исечени на ситни делови, макарони во различни форми, зрна од грав, пченка, леќа, сончоглед и тн.

Тек на активноста

Денешната игра Ви ја предлагам од повеќе причини – ја зајакнува концентрацијата кај детето, го поттикнува развојот на мисловните процеси, влијае на истрајноста, а воедно делува смирувачки и релаксирачки. Може да се изведе на повеќе нивоа на комплексност, како и во различни варијанти, во зависност од возраста на детето. Потребна Ви е хартија и фломастер за исцртување линии и форми и неколку чинивчиња во кои ќе ги ставите ситните материјали (погоре наведени).

За дечињата на помала возраст можете да нацртате неколку, не многу сложени, криви линии, кои што детето треба да ги покрие со материјалот што му е понуден.

Не заборавајте во текот на играта, да му упатите пофални зборови и да го охрабрите за следната задача. Овој пат понудете му лист со исцртани геометриски форми (круг, квадрат, триаголник) кои најпрво ќе ги именува, а потоа ќе ги покрие нивните линии со материјали по сопствен избор.

Доколку Вашето дете е на поголема возраст, дајте му посложени форми, на пример спирала,  концентични кругови, некои сложени криви линии, кои што на истиот принцип ќе ги „нареди“ со некои од понудените материјали.

Потоа предложете му самостојно да исцрта некоја форма (сонце, цвет, балон) и дајте му шаблон по кој што ќе ги реди материјалите, на пример: две копчиња  – едно камче; три црвени – три сини парченца од сламка за сок; едно зрно грав – едно зрно пченка итн.

Откако ќе ги исполни сите линии и форми, поттикнете го детето да продолжите со играта, но малку видоизменета. Имено, пред него ставете еден поголем плиток сад со сол, покажете му некоја од линиите што претходно ги нацртавте и побарајте – истата да ја исцрта во солта.

Слободно придружете му се на детето и креирајте различни, необични форми или пак понудете му – да си ги замените улогите.

 

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова