Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: “Зелено килимче” – Ликовна игра (боење со сунѓер)
Цели на активноста:
-Да се развива способност за воочување на промените во природата
-Да се развива во континуитет – функцијата на говорниот апарат
-Да се поттикне интерес за учество во ликовна активност преку користење на разни форми на ликовно изразување
-Развивање на фината моторика на рацете, дланките, прстите и координација око-рака
Потребен материјал: слики, парче сунѓер, темперни бои, бел лист, фломастери, слики од списание, ножички…
Тек на активноста:
Разговарајте со своето дете за природата, карактеристиките на годишното време пролет, зборувајте за сонцето, дрвјата, птиците, животните, поттикнете го да се потсети и да каже какви бои се цвеќињата во пролет, каде растат, која боја му е омилена на детето и сл.
Со децата разгледувајте ги приложените слики дадени подолу и разговарајте за нив – ливадата е животна средина каде што растат многу растенија, повеќе видови дрвја, треви, цвеќиња и таа е дом на многу инсекти (пеперутки, скакулци, комарци, мравки, бубамари, штурци, гасеници…).
Детелината е најраспостранета на ливадите, а по ливадите пасат трева и домашните животни како овците, кравите, коњите…
Предложете му на детето да наслика ливада со помош на сунѓерче…
Откако детето ќе наслика со сунѓерчето – трева со зелена темперна боја, нека ја именува бојата и нека каже што друго во природата има зелена боја. Оставете ја малку да се исуши зелената боја и потоа детето може да продолжи да слика со сунѓерчето или пак со фломастер да нацрта по сопствен избор што има на ливадата, цвеќе, инсект, животно. Или пак ако имате росица или некое друго списание, да исече цвеќиња …. и да ги залепи на ливадата.
Прашајте го детето што може да прави на ливадата – да игра со топка, да бере цвеќиња и да направи венче за глава, букет за мама.
За убаво пролетно попладне ви предлагам да уживате ЗАЕДНО со вашите деца на една убава зелена ливада, каде ќе го почувствувате ветерот и убавината на пролетта, која е во полн сјај со својата убавина.
Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска