Усвојување на математички поими: подолго –покусо, мерка за должина

Возрасна група:  4 – 6 години

Наслов на активноста:  Усвојување на математички поими: подолго –покусо, мерка за должина

Цели на активноста:

-Развој на логично мислење и развивање на способност за воочување, проценување и споредување на димензиите на предметит,

-Именување на должината како посебна димензија, развој на тактилно-кинестетичка перцепција, формирање на поими за просторна димензија, како и усвојување на поими [релации] – пократко – подолго

-Развивање на самостојност, снаодливост и сигурност во решавање на проблемски ситуации

Потребен материјал: платнени или хартиени ленти во боја, волница, кукла, пластелин, разновиден природен материјал, играчки…

Тек на активноста

Децата најпрво ги восприемаат предметите во целина. Нивното прво споредување е големо – мало. За разликување на просторните димензии [должина, ширина, висина] треба подолготрајно да воочуваат, преку манипулирање да ги почувствуваат и правилно да ги именуваат. При споредување на должина, суштествено е краевите од едната страна  да се стават во иста линија. При споредување на должина на два предмета, по нив треба да се оди со прстот и тоа одлево па надесно, прво по едниот предмет, а потоа по другиот и да го именува: покусо – подолго.

/Со детето исечете две ленти со различна должина – едната покуса. Дадете му ги на детето да ги врзе како коланче на куклата и ќе заклучи дека со едната може, а другата не може. Поставете му прашање – Зошто? – се додека не дојде до констатација дека едната е куса, а другата е долга или едната е подолга од другата лента.

/ Понудете му на детето пастелин или тесто, за да прави подолги или покуси прачки од дадена прачка и да ги подреди по должина. По должина може да подредува и разни играчки и предмети, но секогш од едната страна да се стават во иста линија.

/ Натпреварувајте се со детето кој ќе исече подолга лента од весникарска хартија.

/ Исечете цевчиња за сок и нижете заедно алки и ѓердани за вашите најблиски, а потоа нека ги подреди по должина.

/ Играјте игра: На зборот кратко нека плесне со рацете еднаш, а на зборот долго пет пати и сл.

/Убавото време ве мами заедно да прошетате во блиската шума и да соберете природен материјал: цвеќиња, гранчиња, каменчиња. Пред детето ставете низа од три цвета по должина. Покажете му го цветот што е во средина од низата и прашајте го: Каков е овој цвет? Детето да ви одговори и покаже – Од овој е подолг, а од овој е покус.

/ Дајте му на детето да сече ленти од различни материјали подолги или покуси од дадена лента, да ги подреди и да именува.

/ Споредувањето на должина може да се прави и со конец – волница и да означува која колку е долга. Тоа всушност претставува воведување во марки за должина. Ако детето покаже интерес може да мерите со различни мерки за должина, ширина и висина: со чекор, стапало, дланка, палец, лакт и со разни предмети: фломастер, боички, гранчиња и сл. Препуштете ја иницијативата на детето да смислува, со што се може да се мери.

“Јас имам многу цвеќиња, но најубави цвеќиња се децата” – Оскар Вајлд

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова