Возрасна група: 2 – 4 години.
Наслов на активноста:“Расцветана пролет” – Манипулативна игра – печатење со плутени тапи
Цели на активноста:
– да се поттикне интерес кон истражување, манипулирање и користење на различни ликовни средства и материјали.
– да се поттикнува интерес и негување на креативноста и фантазијата.
– развивање на фината моторика на раката, дланката, прстите и координација око-рака.
Потребен материјал: листови за цртање, темперни бои, палета со бои, плутени тапи
Tек на активноста:
На почетокот од активноста, прочитајте му ја на детето стихотворбата за – Пролетната слика, за да го воведете детето во волшебните бои на прекрасната природа. Замолете го да ги затвори очите и да си ја замисли природата.
ПРОЛЕТНА СЛИКА
Во градината на дедо Димо,
пролетта, како вистински сликар,
со шарени бои растенијата ги бои,
зелените ливчиња на дрвјата ги брои.
И тревата зелена ја наслика таа,
а на цвеќенцата малечки и кревки,
сина, жолта, виолетова боја става,
посебна убавина на градината и дава.
Пупките на раззеленетите гранки,
со бела, розова и црвена боја,
со својата четкичка пролетта ги слика,
целата природа во сончев сјај блика.
Потоа заедно со детето излезете и прошетајте до некоја блиска ливада и уживајте во убавините на природата. Покажете му на детето неколку видови на цвеќиња, пролетни растенија и дрвја. Допрете ги, помирисајте ги и именувајте ги боите и имињата на цвеќињата, растенијата, дрвјата и на се околу вас.
Кога ќе се вратите во вашиот дом, предложете му на вашето дете на веќе исцртани стебленца или гранки на дрво на лист хартија, со помош на плутени тапи да печати цветови во најразлични бои. Насочете го детето на кое место треба да печати цветови. Поттикнете го детето самостојно да ја земе тапата во рака, да избере боја, да ја именува и силно да притисне со раката на листот и да печати.
Бидете креативни и препуштете и се на фантазијата!
Изложете ја творбата на видно место во вашиот дом, со цел детето да се гордее со своето дело!
Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска