Вкусно јадам и се сладам – Овошен забавен ден

Возрасна група:  2 – 4 години

Наслов на активноста: Вкусно јадам и се сладам – Овошен забавен ден

(Правиме овошен коктел)

Цели на активноста:

-Поттикнување и развивање способност за започнување на дискусија и поставување прашања

-Спознавање на значењето на овошните плодови како здрава храна и начинот на правилно подготвување и консумирање

-Оспособување на детето самостојно да донесува заклучок

-Поттикнување и негување на креативноста и фантазијата

Потребен материјал: сликовница, кошнички, природно овошје – цреши и јагоди, соковник, чаши, пластелин, подлога за моделирање, бел лист, восочни боички.

Тек на активноста

Повикајте го детето, заедно да ја разгледате сликовницата за раното овошје. Црешички, јагоди… Именувајте ги, опишете ги… Потоа насочете го вниманието на вашето дете кон кошничките (кои претходно сте ги подготвиле), во кои има цреши и јагоди. Споредете ги со оние од сликовницата. Едните се насликани – нацртани, а другите се вистински. Вистинските можеме да ги допреме и пробаме. Но пред тоа треба да ги измиеме со чиста вода.

Во продолжение, предложете му на вашето дете овој ден да го направите да биде овошен забавен, така што од овошјето да направите сок – коктел, ставајќи го во соковник или блендер. За неколку секунди ќе добиете сок. Потоа сипете го во чаши и пробајте. Вкусно, освежително, полно со витамини.

На крајот предложете му на вашето дете, да нацрта или моделира цреши и јагоди, при тоа кажувајќи му ги следните стихови:

Црешички, црешички,
сакам да ве скинам,
но премногу куси
рачиња јас имам.

Црешички, црешички,
о, црешички ранки,
барем само малку,
наведнете гранки.

Подготвил: Воспитувач – Теодора С. Петковска