Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: „Спортот е дел од моето секојдневие“ – Во пресрет на одбележување на Меѓународниот ден на спортот (25.05)
Светските настани како Олимпијадата и Светското првенство честопати нè оставаат воодушевени и инспирирани да се впуштиме во нашата ново пронајдена страст кон спортот. Децата имаат слични реакции кога ги гледаат спортистите како ги постигнуваат своите соништа. Тие лесно се инспирираат од нивните примери, затоа треба да ги охрабруваме детските страсти и да ги поддржуваме во остварувањето на нивните соништа. Никогаш не знаете, Вашето дете можеби е следниот Усаин Болт! Има толку многу придобивки за децата кои спортуваат: физички, емоционални, социјални….
Физичко здравје
Со дигиталниот свет околу нив многу деца се навикнати долго да гледаат телевизија. Спортските активности и игри, им помагаат на децата да бидат здрави и во форма. Децата треба да бидат активни секој ден, за да го стимулираат растот и да го подобрат своето здравје. Редовните спортски активности ќе ја зголемат издржливоста, ќе ги зајакнат коските и ќе помогнат да се одржи здрава тежина. Исто така, тоа е најдобро ослободување на вишок енергија што малите деца ја имаат толку многу! Спортот исто така ќе ги подобри моторните вештини и координацијата.
Емоционална благосостојба
Учеството во спортот може да го подобри менталното здравје и концентрацијата. Тоа е одличен начин да се ослободат стресот и вознемиреноста, дури и кај малите деца. Го поттикнува чувството на достигнување и ја подобрува нивната самодоверба. Спортските активности се одличен начин да се изгради самодоверба на детето. Децата кои спортуваат честопати добиваат пофалби и охрабрување од нивните родители, врсници и спортски тренери, што помага да се изгради нивната самодоверба и себепочитувањето. Ангажирањето во спортот уште од млада возраст на децата им дава можност исто така да искусат конструктивен критицизам и да научат како да ја примаат и прифаќаат критиката на корисен начин и да не се чувствуваат обесхрабрени.
Почитување
Децата кои учествуваат во спорт, учат да се почитуваат себеси и другите. Тие учат да следат правила и да имаат почит кон авторитетот. Тие учат да бидат конкурентни и да играат фер. Победата е секогаш одлична и може да се слави, но тие исто така учат да се справуваат со губење и да бидат смирени во поразот.
Социјални вештини
Спортот е многу дружељубива активност, особено тимските спортови. Низ спортот децата стекнуваат нови пријатели и се забавуваат. Да се биде дел од тим, им помага да размислуваат за другите и да разберат дека соработката им помага да успеат.
Цели на активноста:
-Да се воведува детето во елементарните сознанија за одредени спортови;
-Да се негува физичкото и менталното здравје на детето;
-Да ги запознава своите способности и можности за движење, да се развива свесноста за сопственото тело;
Потребни материјали: компјутер, подлога за вежбање, работни листови (во прилог), спортски топки, картон, темперни бои, ножички, молив…
Тек на активноста
Погледнете го видеото заедно со Вашето дете:
Додека гледате, именувајте ги одделните спортови. Класифицирајте ги на индивидуални и тимски спортови, на натпреварувачки и рекреативни спортови. Објаснете му на вашето дете, дека спортот е главен фактор за одржување на здравјето и правилниот раст и развој. Зборувајте за тоа дека секој спорт има одредени правила кои спортистите ги почитуваат. Поттикнете го детето на размислување – кој спорт најмногу му се допаѓа и во остатокот од денот обидете се, заедно да импровизирате тренинг на одбраниот спорт (на отворено или во домот). На крајот од денот вашето дете нека работи во листот за вежбање на фината моторика.
Предлог активности на оваа тема за останатите денови:
Вежбајте заедно вежби за загревање и обликување на телото или вежби за истегнување и фокусирање.
Изработете мини фудбалско игралиште (предлог фотографии) на кое ќе се забавувате на два начини.
Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ