”Сообраќајни средства со предимство” – Разговор

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста:Сообраќајни средства со предимство – Разговор

Цели на активноста:

-Да развива способности и стратегии за користење на старите знаења и искуства во стекнување нови поими и претстави

-Да се поттикне кон развивање на сообраќајната култура и воведување на современата техника и технологија на комуникација

-Да се поттикнува и развива логичното размислување

Потребен материјал: енциклопедија, апликации, сирени од специјални возила, бели листови, разни ликовни материјали

Тек на активноста:

Поведете разговор со вашето дете за специјалните возила, кои имаат предност, кога се движат по улиците. Во секое населено место (помал или поголем град) има специјални возила. Тие се многу важни за луѓето. Секогаш помагаат и спасуваат во разни опасни ситуации.

Специјални возила се:

Возило за брза помош: Со ова возило брзаат лекарите да стигнат до местото каде што има болен човек или каде што има повредени луѓе од сообраќајна незгода. Лекарите им помагаат и брзаат да се вратат во болница, за да им го спасат животот.

Противпожарно возило: Застанете сите, направете место – затоа што ова возило брза да го изгаси пожарот, да ги спаси луѓето ако не можат да излезат од огнот. Противпожарното возило има светло црвена боја и вклучена сирена кога брза до местото на несреќата – каде што има пожар.

Полициско возило: Кога ова возило ќе има вклучено звучен сигнал – сирена, треба да застанеме – сигурно полицајците брзаат на местата каде што има разни случувања, онаму каде на луѓето им е потребна помош,  или да направат ред и мир доколку некои луѓе се скарале или пак имало некаде сообраќајна незгода.

Мотивирајте го детето така што ќе му вклучите сирени (во прилог се дадени после текстот) и ќе му покажете апликации од специјални возила – детето треба да препознае за кое возило станува збор. Потоа заедно изработете цртеж на тема: „Специјално возило“


Подготвил: Воспитувач – Ивона Јанкоска