Обработка на стихотворба ,,Рано овошје”

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Обработка на стихотворба ,,Рано овошје”

Цели на активноста:

-да се поттикнува детето за соодветно реагирање на изговорени зборови од страна на возрасниот;

-да се збогатува активниот речник на детето

-да се развива способност за слушање и разбирање на содржината на стихотворбата

Потребен материјал:  слики и апликации од рано овошје, природни или пластични овошја, стихотворба ,,Рано овошје”, бел лист, дрвени или восочни боички

Тек на активноста

Со детето поведете разговор за раното овошје, кога зреат, која е нивната боја, за витамините кои ги содржат. Доколку имате можност, на детето покажете му природни и свежи овошја – да може да ги допре, помириса, вкуси.  Во спротивно користете пластични овошја или слики и апликации.

Потоа на детето прочитајте му ја стихотворбата ,,Рано овошје”, неколку пати јасно, со правилна дикција. Откако ќе ја прочитате стихотворбата, доколку има непознати зборови – објаснете ги. Кога детето ќе се запознае со содржината, прочитајте ја уште еднаш, а вие поттикнете го и охрабрете го да повторува по вас. Повторувајте ја стихотворбата неколку пати во текот на денот, додека детето не ја меморира.

 

,,Рано овошје”

Раното овошје светна во свој сјај,

токму сега во месец мај.

Јагодите и црешите мама ми вели,

се јадат само кога се зрели.

Црвена е нивната боја,

како омилената играчка моја.

 

Во текот на денот можете на детето да му понудите бел лист и боички (дрвени или восочни) за да ги  нацрта и обои овошјата кои се спомнуваат во стихотворбата.

 

Подготвила: Маријана Гиразова