Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста:„Одбележување на Меѓународниот ден на семејството“ (15.05)
Цел на активноста:
-Да се поттикнува и развива љубов кон семејството;
-Да се воочува сличности и разлики меѓу семејствата и учење на толерантност и разбирање на разликите;
-Создавање и усвојување на позитивна и реална слика за себе;
Потребен материјал: семејни фотографии, весници со слики од разни типови на семејства, ликовен материјал, кукли, ножички, лепак.
Тек на активноста
Колку е прекрасно чувството да се знае кои сме и што сме и што можеме да правиме! Учејќи за човечкото тело, добиваме јасна слика за себе си. Учејќи за себе градиме самодоверба. Учејќи за светот околу нас, ние се разбираме себе си!
/ Со детето разгледувајте фотографии од вашето семејство. Разговарајте за членовите од семејството, именувајте ги, разговарајте за семејните односи и за семејните вредности – Зошто е важно семејството?
/ Изработете пано и насловете го„Јас и моето семејство“. Под секоја слика забележете соодветен изказ кој е поврзан со сликата или пак детето само нека измисли приказна., а Вие запишувајте. Пред детето прочитајте го текстот.
/ Сите семејства се различни по големина и број. Некои семејства имаат многу луѓе, а некои имаат малку. Можеш да имаш мајка, татко, брат, сестра баба, дедо, вујко, вујна…Понекогаш сите во семејството живеат заедно во една куќа, некогаш семејствата се одделени едни од други. Детето нека одговори на прашањето: Кој живее во твоето семејство? Можеш ли да ги именуваш членовите на твоето семејство?
/ Објаснете му на детето за различните семејства. Објаснете му дека некаде недостасува татко, некаде можеби мајка – тие сепак се семејства. Научете го детето на толерантност и разбирање.
/ Поттикнете го детето да ви опише за омиленото време поминато со своето семејство: Како сака да го поминува викендот со семејството?
/ Поставете семејни кукли, како што се кукла мајка, кукла татко, кукла дете, баба, дедо. Измислете семејна ситуација „Се подготвуваме за забава“. Одглумете ја ситуацијата.
/ Понудете весници со слики од разни семејства. Детето нека ги исече сликите. Потоа заеднички направете „Книга на семејствата“. Воочувајте ги разликите, кажете дека постојат двочлени, трочлени и повеќечлени семејства – Какво е твоето семејство?
/ Понудете му на детето водени бои, за да слика на тема: „Моето семејство“.
Украсете го својот дом со се што изработивте и прославете го Меѓународниот ден на семејството, со забава на свој начин.
Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа