Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: Обработка на стихотворба “ Семафор”
Цели на активноста:
-Да се создадат основни претстави од областа на сообраќајната култура
-Да се развива способност за слушање и разбирање на содржината на стихотворбата
-Да се поттикне кон развивање на координацијата меѓу окото и раката
Потребен материјал: текст на стихотворба, лист од блок, фломастер за исцртување на контури, колаж во три бои (црвена,жолта,зелена) или листови во боја, чинија или чашка, боички, ножички и лепак.
Тек на активноста
Со детето поведете разговор за сообраќајот и сообраќајните правила. Поразговарајте за тоа кој се учествува во сообраќајот и кое е значењето на семафорот, пешачкиот премин и тротоарот. Потоа предложете му на детето една интересна стихотворба. Стихотворбата најпрво ќе му ја прочитате неколку пати и тоа јасно, изразно и со правилна дикција. Откако ќе гo запознаете со содржината на стихотворбата, објаснете му ги непознатите зборови. Потоа прочитајте му ја повторно, при што ќе го охрабрувате и поттикнувате да повторува со вас додека истата не ја меморира.
За да биде поинтересно додека ја учите стихотворбата, на лист од блок нацртајте контури со фломастер од семафор и притоа побарајте од детето со помош на чинија или чашка, самото да исцрта кругови на колажот или листовите во боја и да ги исече со ножички при што треба да ги позиционира на соодветното и правилното место. Разговарајте со него за формата која ја сече од колажот или листот во боја, за бојата и кое е нејзиното значење кога се наоѓа на семафорот.
Самата активност можете да ја надополните и со графомоторичка вежба, каде што кога детето ќе ги залепи круговите на соодветното место околу кругот со кружни движења и соодветна боичка. може да ги „зголемува“ круговите односно светлата на семафорот.
Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска