Математика во семејството – Оспособување на детето за решавање едноставни проблемски ситуации

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Математика во семејството – Оспособување на детето за решавање едноставни проблемски ситуации
Цели на активноста:

– Да се поставуваат основи за развој на способности за решавање едноставни проблемски ситуации

– Да се поттикнува и поддржува сфаќањето на причинско – последичните врски и релации;

– Да се поттикне потребата за доживувањето  на самиот процес на откривање и учење;

– Да се поддржува иницијативноста и индивидуалноста во изборот на играчките и материјалите низ процесот на учење;

– Да се поддржува играта за која децата покажуваат интерес;

СЕКОЈДНЕВНИТЕ ЖИВОТНИ СИТУАЦИИ ВО ДОМОТ И ОКОЛИНАТА СЕ НЕИСЦРПЕН  ИЗВОР ЗА УЧЕЊЕ МАТЕМАТИКА

Родителите се првите и најважни учители на своите деца. Како што детето расте и созрева, покажува се поголем интерес за она што се случува во околината, настојувајки подобро да ја осознае. Детето почнува да класифицира разни предмети, почнувајки од играчките (куклите ги реди на едно место, сликовниците на друго, автомобилите на трето место, во зависност од тоа како ќе го насочите), потоа класира по бои, големини, форми итн. Почнува да брои, во што секако му помагате. Таквото искуство, здобиено во домот е многу важно за неговата успешност во учењето. Значи Вие го учите детето како да учи и така, намерно или ненамерно влијаете на нивното учење. Во таа насока:

-Дозволете му на детето да го истражува просторот во домот и околината дури и ако тоа Ви создава неред во куќата.

-Ако детето ви постави прашање, а одговорот може да го  пронајде само, потрудете се со извесни упатства и истражување да му помогнете околу тоа.
Детето ќе биде посебно задоволно, а со тоа и мотивирано на понатамошно учење. Многу нешта децата ги учат од секојдневни ситуации. Имитираат учење и ,,читање” гледајќи ги возрасните.

Усвојувањето на математичките знаења, вештини и способности е потреба на секое дете. Многу знаења, меѓу кои и математичките, многу вештини и логичко – математички операции се учат во семејството, низ секојдневните животни ситуации.

Пред се, се учи преку детските игри, како и разновидните секојдневни ситуации на взаемни односи меѓу децата и возрасните во семејството и  непосредната околина (вообичаени работни и други активности). Најчесто тоа се спонтани ситуации, но можат да бидат и намерно организирани за учење или најчесто комбинирани. Детето е во предност кога учи во домот, затоа што тогаш работата со него е индивидуализирана – приспособена е на неговите индивидуални можности и интереси и е во взаемно дејство со средината.

  • ИГРАЈТЕ СО ДЕЦАТА

/Кога играте со Вашето дете од 2 или 3 години со играчките, доколку имате поголем камион натоварете го со нив, поттикнете го да изнајде решение како ќе го помести камионот и да ги однесе играчките до целта што сте ја поставиле заеднички. Наместо камион може да врзете кутија, која ќе послужи за истата цел.
Следете ги неговите обиди во откривањето начини како да го направи тоа, односно да ја реши оваа проблемска ситуација и запомнете, секој негов обид и решение се добри.

/ Игра – ,,Времето е студено. Што да му облечеме на куклето.”- Побарајте од детето да понуди сопствено решение за тоа што да му облече на куклето.

/Направете лавиринт од улици со коцките – На едниот крај направете гаража,  зграда, парк и сл. (креацијата нека биде заедничка). Потоа дајте му го омиленото автомобилче и поттикнете го да се снајде низ лавиринтот со автомобилот и да стигне до потребното место. Ако Ви се допадне играта, можете да измислите сами многу слични игрички. (слика 1)

/Можете да составите приказна – ,,Во Шумскиот театар се давала претстава за ,,Трите прасиња”. Сите шумски жители сакале да ја гледаат. До театарот воделе повеќе улици. Едни тесни, други пошироки, но некои биле со многу споредни патишта. Зајко имал многу среќа. Тој веднаш го нашол патот, Зајко е и најбрз. Исто така и Желката бргу се снашла. За среќа, живеела веднаш до театарот. Но малата Верверичка и Лисичето не можеле да го најдат патот до Шумскиот театар. Затоа ајде да им помогнеме. (Поттикнете ги децата да го пронајдат патот до театарот. Со прстето нека ја следат патеката. Откако ќе се снајдат, понудете им молив, боичка и нека ја одбележат патеката.) Потоа можат да ја обојат кукичката, цвеќенцата, сонцето и да доцртаат нешто по нивна желба. Доколку Ви се допадна идејата,  направете  нешто слично. Играјте и забавувајте се. (слика 2)

Еве нешто и за поголемите деца до 4 години

/ Игра  – ,,Што недостасува” Одберете 3 – 4 предмети, играчки. Охрабрете го да ги именува, да ги спореди по големина, боја. Потоа кажете им да ги покријат очите, за да можете да скриете еден предмет (можете и да ги покриете со марамче). Сега кажете му на детето да ги отвори очите и да погоди кој предмет недостасува. Ако е во дилема, помогнете му со прашањата: ,,Ајде да видиме што ни недостасува, која боја, големина итн.” Ако и тоа не помогне, откријте го предметот со зборовите ,,Изненадивање!!!” Потоа сменете ја улогата Погодувајте Вие. Постепено зголемувајте ги предметите. Оваа игра може да ја почнете со нешто што е заедничко за нив. На пр: домашни, шумски животни и сл. Потоа предмети како чорапче, патика, влечалка или сандала – доволни се три, а заедничко е за сите – се носат на нозете.

/ Игра – Во кујна Во кујната детето често ги отвора долните шкафчиња во кујната и сака да ги гледа, игра со некое тавче, тенџерче, дрвена лажица, ,,готвејки”, истражувајќи звуци итн. Извадете некој предмет на масата и замолете го детето да го врати на место.

/Децата сакаат да експериментираат и истажуваат. Празните кутии, хартиени ролни од тоалетна хартија, искорестете ги за некоја креација во која ќе го вклучите детето со зборовите ,,Ајде, да напрвиме зграда, (воз или нешто друго – одберете сами), но поттикнете го да размисли како да се изведе тоа.
Дозволете му на детето – само да одбира начини, за да изнајде решение.
Подржувајте го во тоа, радувајте се на секое негово изнајдено решение, насочувајте го на конструктивност, поддржувајте ја иницијативноста и играта за која покажува интерес.

Ги поздравувам Вашите заеднички игри дома.

Подготвил: Воспитувач –  Веселка Божиновска